за

Инвеститорите бараат одговорност за бавниот старт на Fisker

Инвеститорите негодуваат за слабата продукција, за софтверот полн со пропусти и за пристапот до мрежата од полначи на Tesla.

Fisker ќе мора да најде добри причини, за на инвеститорите да им објасни зошто се произведени помалку возила од предвиденото и зошто софтверот во неодамна лансираниот електричен кросовер Ocean има толку многу багови.

Стартап-компанијата што произведува електрични автомобили ќе ги објави финансиските резултати пред петочното отворање на берзата. Потоа ќе следи телефонска конференција на којашто ќе поставуваат прашања инвеститорите и аналитичарите од Вол Стрит.

Fisker, со седиште во Менхетен Бич, Калифорнија, кон завршетокот на вториот квартал започна со испорака на својот Ocean во Европа и во САД. На свеченоста што се одржа во Лос Анџелес на 23-ти јуни, Fisker испорача 22 возила Ocean на клиентите. Првите критики од новинарите беа главно позитивни.

Главен проблем е тоа што Fisker ја пропушти целта, во второто тромесечје да произведе 1.400 до 1.700 возила. Место тоа, произведени се само 1.022 возила, поради проблеми со добавувачите, наведуваат од компанијата. Монтажата на Ocean се врши во Грац, Австрија, во погоните на Magna Steyr, којашто е дел од Magna International Inc.

Еден инвеститор постави прашање: „Како менаџментот мисли да ја надмине слабата продукција во вториот квартал и да достигне 36.000 возила годинава?“

Другите прашања на коишто допрво ќе одговараат менаџерите се однесуваат главно на бројните багови во софтверот на возилата што им се испорачани на клиентите. Инвеститорите прашуваат и дали се преговара со Tesla за да се дозволи пристап за Fisker до нивната мрежа од суперполначи, како и дали се преговара за заеднички проекти со останатите производители на електрични возила.

Tesla постигна договор со General Motors, Ford и останати производители, за од следната година да им се овозможи пристап до суперполначите.

Еден ден пред конференцијата со инвеститорите, Fisker ќе одржи „product vision day“ при што ќе се разговара за идните модели. Меѓу планираните модели е компактниот Pear, спортската лимузина Ronin и „суперспортски пикап“. Тоа го најави извршниот директор Хенрик Фискер на средбата со акционерите во почетокот на јуни.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Fisker (@fiskerinc)

Првите испорачани примероци од Ocean се од специјалната воведна серија и чинат 68.999 долари, без транспортни трошоци. Основниот модел чини 37.499 долари. Моделот Pear ќе има подостапна цена.

Хенрик Фискер на истиот настан во јуни наведе дека производителот на автомобили досега има добиено 65.000 резервации за Ocean и дека компанијата е посветена на зголемување на продукцијата.

За 2023 година се планира продукцијата да се движи меѓу 32.000 и 36.000 примероци од електричниот Ocean. Фискер додаде дека бројот на испорачани возила ќе биде понизок, затоа што возилата мора прво да се превезат со брод од Австрија до САД, што трае неколку недели.

Во првиот квартал, Fisker Inc. пријави нето загуба во висина од 120,6 милиони долари, притоа наведувајќи дека компанијата располага со готовина и еквивалент на готовина во висина од 652,5 милиони долари.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW со најмногу штета од пожарот на бродот Fremantle Highway

Електрична Opel Corsa за рели ѝ послужи како сликарско платно на берлинска уметница