Fiesta ST со 200 КС како најмлад член на семејството моќници на Ford

Ford ја објави моделската постава за салонот во Женева. Централното место ќе и припадне на Fiesta ST којашто извлекува 200 КС од 1,5-литарскиот трицилиндарец. Покрај неа ќе се најде примерок од лимитираната серија „66 Heritage Edition“ од Ford GT во чест на победата на Леман пред повеќе од половина век. Има и неколку изненадувања, повторно во знакот на мотоспортот и Ford Perfomance.

Најспортската изведба од новата генерација на Fiesta ќе доживее премиера на штандот на Ford во Женева. Со 200 КС од 1,5-литарски трицилиндарец со турбонатполнење, Fiesta ST е најмладиот член во семејството модели Ford Performance, покрај Focus ST и RS, Mustang и GT. Моделот ќе се најде во продажба од почетокот на следната година, во верзија со три и со пет врати. Не зачудува тоа што Ford им посветува толкаво внимание на своите спортски модели – лани продажбата во Европа се зголеми за две третини, со 43.800 испорачани примероци. Fiesta ST ќе даде уште поголем поттик во оваа продажба.

Помалку од седум секунди се потребни за спринт до темпо 100

Трицилиндарецот во ST ослободува моќност од 200 КС и вртежен момент од 290 њутнметри, што резултира со 6,7 секунди за спринт до темпо 100. Новитет е исклучувањето на еден од цилиндрите при помало оптоварување, заради заштеда, исто како и комбинацијата од директно и индиректно впрскување на горивото.

Возачот има на располагање избор од три програми за возење: Нормална, спортска и тркачка. Со изборот се влијае врз реакцијата на моторот, чувствителноста на управувањето и работата на контролата на стабилноста со три степени. За „корекција“ на трицилиндарскиот звук се грижи ESE (Electronic Sound Enhancement, односно засилувач на звукот на моторот, заедно со активен спортски издув, којшто го менува звукот зависно од избраната програма.

Покрај Fiesta ST ќе се најде и примерок од лимитираната серија „66 Heritage Edition“ од Ford GT, изработена во чест на победата на 24 часа Леман во 1966 година. Серијата поседува ексклузивен лак „Shadow Black“, достапен во металик или мат изведба, како и задолжителни сребрени ленти и стартен број 2 на вратите и предната хауба. Настапот го комплетираат ковани бандажи од 20 инчи во златна боја.

Ford-GT-66-Heritage-Edition

Специјална серија е подготвена и од Mustang, под името „Black Shadow Edition“, достапна само со петлитарскиот V8. Моделот се препознава по традиционалните црни ленти во дното на вратите, куполата на хаубата и ексклузивните бандажи од 19 инчи во црна боја. Стандарно следуваат навигација и говорна команда Sync 3, врвно озвучување, вештачка кожа и климатизација на седиштата и паркинг сензори назад.

Во Женева ќе се најдат и неколку модели од 116-годишната историја на Ford во мотоспортот:

  • реплика на Ford GT Mk II, победничкиот автомобил на Брус Мекларен и Крис Амон од 24 часа Леман во 1966 година
  • реплика на Ford Escort Mk1, победничкиот автомобил на Хану Микола и Гунар Палм на маратонот Лодон-Мексико во 1970 година, со 1,8-литарски мотор од Cosworth со 200 КС
  • сериски примерок од Ford Escort RS Cosworth со 230 КС, основата за рели болидот во групата А
  • Mirage GR8 од 1975 година, со трилитарски Cosworth DFV, за 50-годишнината на овој легендарен мотор

 

Претходна објаваOpel стана дел од француската групација PSA
Следна објаваRolls-Royce лакиран со боја изработена од илјада дијаманти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here