Некогашниот гигант од Торино сепак останува верен на својата татковина. По катастрофалната 2013 година, Fiat Chrysler очекува раст на италијанскиот пазар.
Автомобилскиот концерн Fiat Chrysler ќе ги држи своите пет фабрики во Италија со пет нови модели. Се планира производство на Jeep Renegade, мини теренецот наменет за европскиот пзар, потоа на Maserati Alfieri, Alfa 4C Spider, нова верзија на 500 Abarth, како и на Ferrari California T.
И покрај најавеното нотирање на акциите во Њујорк за 1-ви октомври и преселувањето на холдингот во Холандија, Fiat Chrysler планира во иднина да ѝ остане верен на Италија. По катастрофалната 2013 година, Fiat очекува во оваа да постигне раст на италијанскиот пазар од околу три проценти. Резултатите во првите два месеца од 2014 година даваат поткрепа на овие надежи.
Торинската авто куќа има големи очекувања од Jeep Renegade, кој е наменет за европскиот пазар и има покомпактни димензии од идната верзија за пазарот во САД. Продукцијата ќе се одвива првенствено во фабриката Мелфи, во Јужна Италија. Веќе е во тек подготовката за производство на Jeep Renegade, заедно со идниот модел Fiat 500X. Сите 5.000 вработени во фабриката наскоро ќе имаат полн работен ангажман. Поради големиот пад на продажбата, илјадници работници на Fiat беа ставени на работа во краткотрајни смени.
Италија драматично ја доживеа кризата на автомобилскиот пазар во последните години. Во 2013 година беа регистрирани само 1,3 милион нови автомобили, што е вредност на ниво на 1970-те години.
















