Италијанскиот гигант досега нема некое искуство со мотоциклите. Но, се чини дека шефот Маркијоне размислува да го промени тоа. Се шпекулира околу преземањето на марката MV Agusta.
Автомобилските концерни што имаат и марка мотоцикли се кул. Така изгледаше кога во 2012 година Volkswagen ја купи италијанската марка Ducati за дополнително да го исполира имиџот на Audi. Во својата историја и BMW има продадено повеќе мотоцикли отколку автомобили и донеодамна ја имаше марката Husquarna под својот покрив.
Во последно време и Италијанците размислуваат да вклучат мотоцикли во своето портфолио. Според гласините, можно е тоа да биде марката MV Agusta, којашто се ориентира кон расни спортски машини. Во моментов, тоа се само шпекулации.
MV Agusta има долга традиција
Факт е дека италијанскиот производител на мотоцикли е добар плен, затоа што касата му е празна и парите од Fiat би значеле многу за натамошното опстојување на марката. Од друга страна, купувањето на MV Agusta не би чинело многу. Сумата би била многу пониска од 860-те милиони евра што Volkswagen ги плати за Ducati.

Традиционалната марка MV Agusta се вклопува добро во имиџот на Fiat. Нејзините мотоцикли нижеа многу успеси на трките во 1960-те и 1970-те години. Италијанците ги имаа најбрзите машини на две тркала сé додека не се појавија Јапонците со нивните тркачки мотоцикли. Покрај тоа, мотоциклите на MV Agusta се на глас дека претставуваат вистински технички бисери на две тркала. Единствено останува надеж дека MV Agusta нема да се претвори во производител на стандардни мотоцикли под владеењето на концернот Fiat.
















