Fiat качува за уште стотка: Електричен 600, со техника од Jeep Avenger

На ред е Fiat да си ја дообнови понудата од модели, откако итало-американската групација во јануари 2021 се здружи со Французите во концернот Stellantis. Во следниов период ќе почнат да излегуваат важни нови модели под марката од Торино. Сцената секако дека се радува на секој новитет од Fiat. Новиот 600 става главен нагласок на елеткричниот погон, кај нас ќе биде главна изведбата со мотори со внатрешно согорување.

Историскиот Fiat 600 од 1950-те години е исклучително важен модел во нашиот балкански регион. Од него беше изведена Zastava 750, легендарниот фиќо. Новиот Fiat 600 нема многу заедничко со оригиналниот „сеиченто“, затоа што цели многу повисоко на пазарот, а и во погонот има една суштинска разлика. Nuova Fiat 600 во сега претставената изведба „600е“ вози исклучиво на струја, и вози многу.

Платформата што ја користи 600е позната е од Jeep Avenger, кого што исто така го очекуваме наскоро да се појави во салонот на Аутомобиле СК. Fiat 600e ќе се нуди заедно со постоечкиот Fiat 500X. Разликата е во тоа што платформата на 500X потекнува од времето на Fiat Chrysler и не предвидува електрификација, додека платформата на 600e потекнува од групацијата Peugeot Citroen и таа предвидува електрификација – пример, електричните изведби на Peugeot 2008 и Opel Mokka.

Контруиран врз платформата eCMP, новиот Fiat 600 ќе се произведува во Полска, во фабриката во Тихи, заедно со сестринскиот модел Jeep Avenger.

Во следните две години, Fiat паралелно ќе ги нуди новиот Fiat 600e и постоечкиот Fiat 500X, што сцената го познава од 2014 година. Тоа најмалку е проблем за стратезите во Торино, затоа што двата модели припаѓаат во сегментот на градски СУВ-модели, којшто денес е најпродаван сегмент на европскиот пазар.

Промотивното видео за новиот Fiat 600


Уште една „олеснителна“ околност за паралелното опстојување на двата модели од иста класа е тоа што Fiat 600e ќе се нуди главно во електрична изведба, додека Fiat 500X е достапен само со мотори со внатрешно согорување.

Fiat уште денес ги отвори книгите со нарачки за двете воведни серии на моделот, за серијата RED и за La Prima. Првите испораки во Италија ќе следат во септември.

Серијата RED во Италија почнува од 35.950 евра, додека за луксузната La Prima треба да се смета на 40.950 евра. Во овие цени не се вклучени субвенциите. Италија масивно ја подржува електромобилноста, па извршниот шеф на Fiat, Оливие Франсоа, вели дека варијантата RED со сите субвенции и повластици во Италија ќе чини 29.500 евра. Слична цена се очекува и во Германија и Франција, каде што исто така има масивни субвенции за електричните возила.

Бидејќи двете воведни серии се наполнети со опрема до таван, единствената ставка што може да се додаде и што треба да ја изберат купувачите е бојата на каросеријата.

Долг 4.171 милиметри, висок 1.577 милиметри, новиот 600e мошне е сличен со уште еден модел на Stellantis, а тоа е Opel Mokka (4151 mm, 1531 mm). Fiat 500X, за многумина една од најсимпатичните појави во сегментот, незначително е поголем, со должина од 4.264 mm и висина од 1.585 mm.

Фабричкото видео за Fiat 600e La Prima

Градските СУВ-модели го сочинуваат најпродаваниот сегмент во Европа, којшто расте брзо. Продажбата во првите пет месеци се зголеми за 17 проценти, на вкупно 867.017 примероци. Fiat 500X во периодот постигна 18.335 продажби и за малку пропушти да се најде во Топ 10, во сементот што го предводи Volkswagen T-Roc, со продадени 79.662 примероци до мај.

Fiat го цени новиот 600e како поголема сестра на Nuova 500, кај нас 500е, којшто се произведува исклучиво во елеткрична изведба и користи различна платформа од класичниот „500“. Затоа и предниот дел на 600, вклучувајќи ги светлата што делумно се покриени од хаубата, потсеќaат на Nuova 500. Опашот покажува повеќе сличности со 500X.

Новиот Fiat 600e ќе се произведува само во изведба со преден погон и базиран е врз втората генерација на платформата eCMP на Stellantis. Градскиот СУВ ќе се произведува во фабриката во полски Тихи, заедно со Jeep Avenger и со идната Alfa Romeo Brennero, чијашто пазарна премиера се очекува в година. Avenger и 600e имаат исто меѓуоскино растојание од 2.562 mm. Каросеријата на Jeep е покуса, затоа што кароериските превиси се скусени, заради подобра проодност по терен. Jeep ќе се нуди и во изведба со погон на сите тркала.

Фабричкото видео за Fiat 600e RED

Шефот Франсоа најави дека „некаде во текот на следната година“, Fiat ќе го понуди новиот 600 во изведба со благ хибриден погон, на пазари како што се Италија и Полска, односно на пазарите на коишто електрификацијата уште нема толку напредувано, како во Германија или Франција. Тој очекува дека во овие две земји ќе се продава најголемиот дел од продукцијата на Fiat 600е. Сестринската Avenger е достапна и во изведба со 1,2-литарски трицилиндарец на пазарите во Италија, Шпанија, Полска и други земји.

Нова генерација електромотори за Fiat 600e

Исто како Avenger и штотуку освежените Opel Mokka и Peugeot 2008, новиот 600e користи нов електромотор со 115 kW (156 КС), којшто е развиен и се произведува во Nidec, компанија во делумна сопственост на Stellantis. Батеријата исто така се разликува и располага со капацитет од 54 kWh, односно номинално 51 kWh.

Според нормата WLTP, потрошувачката на Fiat 600e се движи меѓу 15,1 и 15.2 kWh/100 km (зависно од изведбата), а за досегот се смета меѓу 406 и 409 километри. При возење во град, производителот тврди дека може со едно полнење да се минат меѓу 591 и 604 километри. Спринтот до темпо сто трае 9 секунди.

При користење брз полнач со моќност од 100 kW, батеријата се полни за 27 минути од 20 до 80 проценти. При користење на полначот што е вграден во возилото, полнењето трае 5 часови и 45 минути.

Додека изведбата RED е подостапна и дел од средствата од продажбата одат во добротворни цели, верзијата La Prima е полуксузна и според Fiat ги оддава италијанските природни убавини, достапна во четири бои: Sun of Italy, Sea of Italy, Earth of Italy, Sky of Italy.

Fiat 600e за ново продолжение на легендарната серија реклами со Ди Каприо

https://youtu.be/G1D4G3vNzI0

Претходна објаваАмериканците ценат дека Alfa Romeo им е најквалитетна премиум марка
Следна објаваCLE: По малку од C-Class, по малку од E, тотално Mercedes

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here