Место посебно купе од C-Class и посебно купе од E-Class, Mercedes-Benz отсега има еден и единствен модел, CLE. Тој ќе биде достапен и во кабриолет изведба. Не е првпат Штутгарт да направи ваков спој, CLK имаше две успешни поглавја до пред деценија и пол.
По тринаесет години од последниот CLK, Mercedes-Benz повторно нуди купе како спој меѓу E-Class и C-Class. Новиот Mercedes CLE Coupé од завршетокот на годинава ќе ги замени купе изведбите на C-Class и E-Class.
Со 4,85 метри, CLE Coupe е за 1,5 сантиметар подолг од E-Class Coupe, додека од C-Class Coupe е подолг за 16 сантиметри. Ширината од 1,86 метар е на ниво на E-Class, но и за пет сантиметри е поголема во споредба со C-Class.
Со носот со профил на ајкула, хаубата визуелно добива уште толку на должина. Маската се шири надолу и тоа додава впечаток на ширина. Диодни светла се стандард. Двата впечатливи гребените по должината на хаубата – Power Domes – веќе се познати од останатите модели на Mercedes-Benz.
Дизајнот е погоден, псоебно опашот што со масивноста потсетува на суперспортко купе, но во исто време поседува и елеганција и отменост. Носот премногу потсетува на CLA и CLS, но тоа е очигледно намера на стратезите, возилото да се препознава првенствено како модел на Mercedes.

Профилот остава мошне позитивен впечаток, главно поради широко издадените задни крила. Во нив има простор за тркала со големина до 20 инчи, како опција за стандардните 18-инчни тркала.
Каросеријата не е случајно толку широка. Инженерите ја проширија трагата на предната оска за четири и на задната оска за седум сантиметри, во споредба со C-Class Coupe.

Назад има тенки, дводелни светла, што визуелно се споени со црн панел. Тоа е манир што веќе е познат од GLC и од GLC Coupe. Тоа што личи како хромирана издувна цевка, реално е само маска, но таков е станат светот денес, издувните цевки веќе одамна ја изгубија фасцинацијата во време на електрични EQ-модели.
Арматурната табла потекнува од C-Class
Багажникот е со зафатнина од 420 литри, што е незначително помалку од E-Class Coupe со неговите 425 литри. Тука запираат сличностите со E-Class, затоа што внатрешноста потеккнува од C-Class. Дигиталните инструменти со пречник од 12,3 инчи, заедно со средишниот дисплеј од 11,9 инчи, што е завртен за 6 степени кон возачот, стандардно се вградуваат во CLE. Истото важи и за системот за пристап без клуч, за моторизираниот „доставувач“ на безбедносните ремени и за седиштата со електрично местење и меморија.
Седишатата имаат спортски издадени контури и поставени се пониско отколку во лимузините. Покрај меѓуоскиното растојание од 2,87 метри, CLE нема проблем да понуди господски простор за нозете назад.

Посебно уживање ветува аудиосистемот од Burmester, со допоолнителни два звучници што се вградени во самите предни седишта под перфорираната облога. Техничарите мислеле на кабриолет изведбата, што е потврдена за старт в година, за следната летна сезона.
За кабриолетот е воедно и наменета можноста за средишниот дисплеј да се нагодува по агол, за да се избегнат рефлексии од средината. Тоа решение веќе се користи кај родстерот AMG SL.
По E-Class, новиот CLE е втор модел што располага со најновата генерација на инфо-забавниот систем MBUX. Неговата посебност е во тоа што се овозможува користење апликации од трета страна – односно, во возилото може во основа да се преземат истите апликации, како на мобилниот телефон.

Камерата за селфи, позната од E-Class, за возачката или возачот да може да се вклучи во видео-конференција, тука отсуствува. Mercedes-Benz сепак сака да го испочитува отмениот карактер на купе-автомобилите. Спортската динамика, исто така.
Вистински шестилиндарец во Mercedes CLE 450
За спортски перформанси ќе се погрижат моторите. Во CLE 450 работи трилитарски 6-цилиндарец во линија, со 381 КС, 500 њутнметри и погон на сите тркала 4Matic. Уживањето во возење тука е гарантирано.
Основата на гамата ја сочинуваат три модели со четирицилиндарски мотор, веќе вообичаено, сите во изведба како благи хибриди, со 48-волтен стартер-генератор со функција на потпомагање при забрзување. Гамата почнува со CLE 200 со 204 КС, којшто е достапен и во изведба со погон на сите тркала, средината му припаѓа на CLE 300 4Matic со 258 КС. Покрај нив се нуди и еден дизел, CLE 220 d, со 197 КС и само во верзија со заден погон.
Понудата понатаму ќе се збогати со приклучен хибрид и со луксузна-спортска верзија на AMG. Сцената навива во AMG-верзијата да работи 6-цилиндарец, место комбинација со електромотор.
Комфорно подвозје е стандард, со доплата за AMG-Line се добива и спортско подвозје, со покрути пружини и стабилизатори. Втора опција е приспособливо подвозје, коешто секогаш доаѓа заедно со управувана задна оска, со тркала што се свртуваат за 2,5 степени. Исто и управувањето во тој случај работи со покус преносен однос, што значи дека реагира подиректно.
Куси факти за новиот Mercedes-Benz CLE Coupe
- Првите примероци ќе пристигнат кај сопствениците во ноември.
- Во следното лето е ред на CLE Cabriolet.
- Дводелните задни светла стандардно користат диодна техника и тридимензионални светлечки форми.
- Новото купе е долго 4.850 mm, широко 1.860 mm und високо 1.428 mm.
- Во споредба со C-Class Coupe, меѓусокиното растојание е подолго за 25 mm
- На задната клупа има за 10 mm повеќе простор за глава (C-Class Coupe), 19 mm повеќе простор за рамениците и 72 mm повеќе простор за колената.
- Багажникот нуди за 60 литри поголема зафатнина (C-Class Coupe)
- Првпат во Mercedes-Benz, предните седишта не се соборуваат преку рачка, за да се пристапи назад, туку со отмена кожена јамка.
















