На Amazon во Италија се понудени три модели на Fiat со попуст што достигнува една третина од редовната цена на возилото. Италијанската марка ги нуди Panda, 500 и 500 L како најпопуларни модели на домашниот пазар. Возилото нарачано преку интернет пристига кај најблискиот дилер најдоцна за две недели.
Три модели на Fiat може да се купат преку Amazon во Италија. Во онлајн-продавницата на торинската марка се нудат Panda, 500 и 500 L. Тоа што најмногу ги привлекува вниманието се попустите. Зависно од моделот, попустот достигнува една третина од редовната цена на возилото.
Купувањето се врши онлајн, по што Amazon стапува во контакт со купувачот. Нарачаното возило ќе пристигне кај најблискиот дилер на Fiat во рок од 14 денови. Купувањето автомобил преку интернет не е ништо ново. Напротив, денес единствено сениорите не се „консултираат“ преку интернет и не користат онлајн-услуги при купувањето автомобил. Ново е тоа што Fiat го избра гигантскиот продажен канал на Amazon.
Купувачите во Италија сигурно ќе бидат привлечени за понудата на Fiat и поради мошне кусиот рок на испорака. Фактот што возилото пристига до купувачот за само две недели значи дека Fiat го напушта традиционалниот принцип да произведува возила според индивидуална нарачка на секој купувач. Кај моделите што се нудат на Amazon не може да се нарача ништо дополнително, возилата се веќе произведени и чекаат на лагер – поточно, чекаат клик.
Принципот е ист како при купување автомобил од лагер – со поголем попуст
Fiat на овој начин постигнува голема заштеда во производствените трошоци. Единствен проблем е тоа што купувачите немаат можност да го конфигурираат возилото според своја замисла. За возилата што стојат на плацевите на дилерите обично се добиваат големи попусти при традиционалниот начин на продажба. Купувачите ја плаќаат редовната цена само доколку решат да „интервенираат“ во опремата и изгледот на возилото – иако на големите пазари и во тој случај следува попуст.
Повеќе марки се подготвуваат да го применат чекорот што сега го презеде Fiat. Суштината на продажбата преку интернет секогаш ќе биде истата: Големи попусти.

















