Италијанците се непресушни со идеи во дизајнирањето на Fiat 500. Во Париз ќе дебитира нова ексклузивна серија 500 Couture. Првиот модел од серијата е дело на култниот уметник Рон Арад.
Израелскиот уметник Рон Адар го креираше првиот модел во новата ексклузивна серија на Fiat 500, којашто ќе им понуди на купувачите уште побогати можности за внесување личен печат во возилото. Моделот го носи името на дизајнерот, Fiat 500 Ron Arad Edition, и му се посветува на првиот Fiat 500 од 1957 година на мошне оригинален начин – неговата силуета е исцртана по каросеријата на екслузивниот модел.
Покрај каросеријата во металик црна боја, Fiat 500 Ron Arad Edition е препознатлив по сончевиот покрив, хромираните детали на каросеријата, црните кожени седишта со штепови во боја на слонова коска, по големиот дисплеј во кокпитот, кожениот волан со команди за Blue&Me, автоматската клима, магленките, бандажите од 16 инчи и белите ретровизори. Оваа ексклузивна серија со името на израелскиот уметник ќе се изработи во само 200 примероци. Како подарок од Fiat, купувачите ќе добијат и моделче во размер 1:18.
Заедно со Ron Arad Edition во Париз ќе дебитираат и две дизајнерски студии на база на Fiat 500. „Comics“ е лакиран во две бои, жолта и црна, со исцртани штепови меѓу одделните каросериски делови, што прави возилото да изгледа како да е „сошиено“. Fiat 500 Camouflage, како што кажува и името, се препознава по маскирната мустра на каросеријата во сива и зелена боја. За контраст, раткапните и ретровизорите се изведени во флуоресцентна жолта боја.


















