На шпанското крајбрежје наскоро ќе почнат да летаат коли на Ferrari. Италијанците инвестираат 100 милиони евра во забавен парк, кој го вклучува и најбрзиот вертикален акцелератор во Европа.
Во познатото шпанско летувалиште Порт Авентура наскоро ќе започне изградба на тематски забавен парк посветен на марката Ferrari. Новата атракција со име Ferrari Land ќе покрива површина од 75.000 метри квадратни и ќе нуди забава за љубителите на марката од сите возрасти, вклучувајќи го и највисокиот и најбрз вертикален акцелератор во Европа.
Во паркот ќе се гради и првиот хотел под знакот на Ferrari, во луксузен стил, со 250 соби, ресторани и симулатор за возење. Проектот ќе чини вкупно 100 милиони евра, а паркот се очекува да почне со работа во 2016 година. Порт Авентура, како водечки забавен парк на Медитеранот има околу четири милиони посетители во годината, од кои половината доаѓаат надвор од Шпанија. Само во периодот од преземањето на забавниот ресорт од новиот сопственик Инвестиндустријал во 2009 година, во паркот се дополнително инвестирани околу 125 милиони евра.
Андреа Пероне, прв човек на Ferrari Brand, филијалата што раководи со активностите поврзани со марката Ferrari, при потпишувањето на договорот со Шпанците изјави: „По успехот на Ferrari World во Абу Даби, добивме огромен број барања да изградиме нови забавни паркови. Внимателно ги разгледавме понудите и решивме да го прифатиме Инвестиндустријал, поради нивниот солиден проект, развиен од комптентни луѓе, којшто ќе го донесе волшебството на Ferrari во Шпанија, како земја во којашто имаме многу подржувачи и ентузијасти и којашто секоја година привлекува огромен број туристи, меѓу другото благодарение и на Порт Авентура.“


















