Во почетокот на следната година Ferrari ќе ја понуди специјалната верзија LaFerrari XX наменета исклучиво за тркачка патека. Екстремниот тркач ќе биде ограничен на само 30 примероци.
Антонио Колета, шеф на одделението за спортски активности, потврди дека Ferrari развива тркачка верзија на LaFerrari којашто ќе биде подготвена за одмерување на силите најдоцна во февруари следната година. LaFerrari XX ќе се појави во јавноста веќе во следниот месец, во финалето на програмата Ferrari XX во Абу Даби. Според деталите од тест-прототипите, италијанскиот болид ќе има каросерија во целост изработена од карбон и странични стакла од поликарбонат.
Наспроти сериската верзија, којашто располага со 963 КС, дванаесетцилиндарецот во LaFerrari XX ќе постигнува 1.065 КС, со мала асистенција од електромотор. „Стандардниот“ LaFerrari постигнува 350 km/h и забрзува до сто за помалку од три секунди. Фактот што XX ќе биде полесен, со тркачки гуми, со модифицирано тркачко подвозје и препрограмирани системи за асистенција, ќе му овозможи да ги подобри вредностите на „цивилниот“ LaFerrari. Ако LaFerrari е ексклузивен со серијата од 499 примероци, XX ќе биде уште поексклузивен. Од него се планирани само 30 примероци. Цената по парче: 2,5 милиони долари. Секако, за да се добие XX е потребно претходно да се купени уште неколку парчиња од Маранело.
















