Ferrari 488 Spider: Само небото е лимит

Spider пристига како најсилен автомобил со средишно вграден V8 и со оригиналниот преклоплив покрив на Ferrari. Коњските сили се истите како во Berlinetta, а тоа значи 670 КС и забрзување за три секунди до сто.

Маранело денес го прославува дебито на 488 Spider, најсилниот модел со средишно вграден мотор V8 и со преклопливиот цврст покрив што Ferrari прв го примени во суперспортски автомобил. Предноста од примената на цврст место платнен покрив е во тежината што е пониска за 25 килограми, но и во поголемиот комфор во кабината. Под задниот капак работи моторот V8 со 3.902 сантиметри кубни и турбонатполнење, којшто пред само неколку месеци доживеа премиера во 488 GTB. Моќноста изнесува 670 КС, вртежниот момент го достигнува врвот од 760 њутнметри веќе при 3.000 вртежи. Спринтот до сто трае точно 3 секунди, а следната стотка паѓа веќе по 8,7 секунди од стартот.

Напорна работа за избегнување на турбо-дупката и зачувување на звукот

Како оправдување за преоѓањето на турбонатполнење, од Ferrari повторно ги нагласуваат 100-те КС поголема моќност во споредба со атмосферскиот V8, исто како и пониската емисија на СО2, што беше и главната причина за напуштање на традиционалниот принцип. Со времето на реакција на придушницата од само 0,8 секунда, инженерите на Ferrari целосно ја елиминираа карактеристичната „турбо-дупка“ кај присилното натполнење, применувајќи решенија од своите тркачки болиди. Со истата посветеност се работело и звукот да остане препознатлив за Ferrari, преку темелна анализа на хармониците и тоналитетот во секое работно подрачје.

Ferrari 488 Spider„488“ е воедно и најаеродинамичниот Spider, што е постигнато со низа сложени решенија за постигнување оптимален потисок и намалување на отпорот на воздух, како две противречни цели. Дел од „тајните“ на 488 се присилното доведување воздушна струја врз предниот спојлер, како и вортекс генератори во самиот под на возилото. Посебно за 488 Spider е работено на електрично задвижуваната ветерна брана, изработена од стакло, којашто може да се постави во три положби, зависно од тоа колкав интензитет на струење на воздухот сака возачот во моментот. Генијална идеја е можноста оваа ветерна брана да се спушти и кога цврстиот покрив е подигнат, за звукот од моторот непречено да се пренесува до кабината.

Забрзувањето од свијоци е за една петина подобро од 458 Spider

Структурата е идентична со Berlinetta, а тоа значи носечка платформа изработена од 11 различни легури на алуминиум, комбинирани со благородни метали, вклучувајќи и лесен магнезиум. Отпорноста на торзија и крутоста на каросериската структура се исти како кај купето, односно се за 23 проценти подобри отколку кај претходникот. Самиот покрив е изведен во два дела и се преклопува наназад врз капакот на моторот, што трае само 14 секунди.

Во споредба со претходникот 458 Spider, новакот забрзува од свијоци за 12 проценти побрзо, а во целина, времињата на реакција се подобрени за 9 проценти во однос на претходникот. Премиерата на Ferrari 488 Spider е во септември, на салонот во Франкфурт.

Технички податоци · Ferrari 488 Spider

МОТОР

  • V8 90°, турбо, сув картер
  • Зафатнина 3902 ccm
  • Пречник х Од 86.5 x 83 mm
  • Моќност 492 kW (670 КС) при 8000/min
  • Вртежен момент 760 Nm при 3000/min во VII степен
  • Компресија 9.4:1

ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ

  • Должина 4568 mm
  • Ширина 1952 mm
  • Висина 1211 mm
  • Меѓуоскино растојание 2650 mm
  • Ширина на трага напред 1679 mm
  • Ширина на трага назад 1647 mm
  • Празно возило 1525 kg
  • Распределба на тежина 41.5% напред – 58.5% назад
  • Багажник 230 l
  • Резервоар 78 l

ГУМИ

  • Напред  245/35 ZR20 J9.0
  • Назад 305/30 ZR 20 J11.0

СОПИРАЧКИ

  • Напред 398x223x36 mm
  • Назад 360x233x32 mm

ПРЕНОС И МЕНУВАЧ

  • 7-степен F1-менувач со двојна спојка

ЕЛЕКТРОНСКИ СИСТЕМИ

  • E-Diff3, F1-Trac, High-Performance ABS + Ferrari Pre-Fill, FrS SCM-E, SSC

ПЕРФОРМАНСИ

  • Крајна брзина > 325 km/h
  • 0 – 100 km/h 3.0 s
  • 0 – 200 km/h 8.7 s
  • 0 – 400 m 10.55 s
  • 0 – 1000 m 18.9 s

ПОТРОШУВАЧКА НА ГОРИВО

  • 11.4 l/100 km

Претходна објаваRenault лансира специјална серија од Megane R.S. 275
Следна објаваПазарните аналитичари со слаби прогнози за Opel Astra

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here