
Дукати веќе има сменето многу нешта на македонската мотоциклистичка сцена, почнувајќи од отворањето на единствениот салон на премиум марка мотоцикли, до присуство на регионални менаџери на настани и прослави, и веројатно најважната пресвртница, отворањето сервисна работилница што работи според врвни стандарди. Во таква средина, следи уште една сензација: Ексклузивен Дукати Панигале В4 Ламборгини, еден од 630 такви.
Дукати и Ламборгини стапија во нова соработка од којашто произлезе специјална серија од Панигале В4, во посебни бои за серијата, со најобемна примена на карбон и уште бројни ексклузивни детали, главно изработени во стилот на Ламборгини Ревуелто. Серијата ќе се изработи во вкупно 630 примероци и веќе одамна е распродадена. Дополнително ќе се изработат 63 примероци што ќе се испорачаат на клиенти на Ламборгини. Тие имаат избор, мотоциклот да им биде лакиран во бојата на нивниот Ламбо.
Македонскиот Дукати е меѓу ретките во регионот што обезбеди примерок од Панигале В4 со детали во стилот на Ламборгини Ревуелто. Овој успех секако се должи на менаџерскиот тим, на претставителниот објект, и секако на активната заедница на сопственици на мотоцикли Дукати во земјава. Примерокот наскоро ќе му биде испорачан на сопственикот, кој е колекционер на мотоцикли. Тој се сложил за Ламбо-Дукати да остане неколку денови во салон, за фановите да имаат можност во живо да го погледнат скапоцениот Панигале. Малку од овие ексклузивни мотоцикли ќе се видат на улица.
Трета соработка меѓу меѓу италијанските икони, по Дукати Стритфајтер В4 и Диавел 1260, со името Ламборгини
Во дизајнирањето учествуваше Чентро Стиле Ламборгини, и тоа се воочува во кованите тркала во дизајнот на Ревуелто, во опашот и во крилата, како и во карбонските додатоци на многу места во оклопот. Италијанците не пропуштија да направат спектакл од договарањето на третата соработка и во април 2025 година го објавија тоа на посебен настан во Театро Алционе, за време на Неделата на дизајнот во Милано.
Како основа за ексклузивната серија послужи В4 С, од најновата генерација супербајкови, и Ламборгини Ревуелто. Двете се врвни возила во своите категории.
Препознатливите бои за Панигале-Ламбо потекнуваат од Ревуелто, тоа се Верде Скандал, Гриџио Телесто и Гриџио Акезо, додека седиштето е целосно во стилот на седиштата на Ревуелто.
Моќноста на четирицилиндарецот од 1,1 литар е зголемена на 218,5 КС, наспроти 209 КС кај појдовниот модел. Со бројните зафати, тежината е сведена на 185 килограми, што е за близу 2 кг под В4 С, и создава сооднос 1,18 КС на килограм.
Ексклузивниот Дукати се испорачува во посебно изработен транспортен сандак од дрво, заедно со наменски штендер во бојата на мотоциклот.
Првите примероци беа испорачани на сцената во септември лани.
View this post on Instagram
Посебностите на Панигале В4 Ламборгини
- Kарбонски панели со видлива структура, детали во зелена и две нијанси на сива боја
- Мотор Дезмоседичи Страдале, 1.103 сантиметри кубни
- Највисока моќност: 218,5 КС @ 13.500 мин-1
- Највисок вртежен момент: 122,1 Nm @ 11.250 мин-1
- Тежина во возна состојба без гориво: 185 кг
- Тежински сооднос: 1.18 КС/кг
- Алуминиумски резервоар од 17 литри
- Дукати електронска суспензија ДЕС 3.0
- Олинс преднапредната предна вилушка со контролен систем Олинс Смарт ЕЦ 3.0
- Олинс ТТИКС 36 амортизери со контролен систем Олинс Смарт ЕЦ 3.0
- Амортизер на управувач Олинс Смарт ЕЦ 3.0
- Посебно изведен опаш во стилот на Ламборгини Ревуелто
- Посебно изведени крила во стилот на Ламборгини Ревуелто
- Ковани тркала во стилот на Ламборгини Ревуелто
- Специјално седиште
- Тркачки ветробран од плексиглас
- Кит за сува спојка
- Алуминиумски плочки со име на моделот и бројот во серијата
- Посебна анимација во инструментите при контакт
- Посебен клуч со бројот од серијата
- Потпирачи за нозе изработени од алуминиум
- Оклоп, преден и заден калник, заштита на ланец, заштита на пета, облога на вилушка, заштита од издувот, облога врз алтернатор, држач за регистерска ознака, заштита на резервоар, држачи на инстурменти изработени од карбон
- Наменски транспортен сандак
- Наменски штендер
- Наменска церада
- Сертификат за автентичност
- Тркачки чеп на резервоар од алуминиум
- Насочувачи на воздух кон сопирачките клешти од карбон
- Облога на отворена спојка од карбон















