Германскиот производител посочи дека трошоците за развој на новиот модел ќе бидат во разумен опсег и тој ќе привлекува нови и помлади купувачи во марката.
Мерцедес имаше намера да ја укине А-Класата, како дел од стратегијата што извршниот директор Ола Калениус ја објави во Минхен во 2022 година. Планот беше понудата да се префрли повеќе на ексклузивни и луксузни модели, како Г-Класата, и да се напуштат моделите што носат пониска маржа, каква што е А-Класата.
Калениус при објавувањето на финансиските резултати на Мерцедес-Бенц за минатата година соопшти дека компанијата пресметала, оти модел што ќе биде позициониран под лимузината ЦЛА, којашто беше лансирана лани и којашто е конструирана врз новата платформа ММА, сепак може да биде профитабилен „во крајните граници“ на поставената маржа.
Мерцедес цели во 2026 година да постигне маржа меѓу 3 и 5 проценти, соопшти директорот за финансии Харалд Вилхелм на конференцијата за медиуми што се одржа на 12-ти февруари.

Матијас Гајсен, директор за продажба во Мерцедес, кажа дека купувачите на А-Класата биле седум години помлади од просекот во целата марка. „Тоа дефинитивно ќе биде профитабилен проект и од голема важност ни е за да привлечеме купувачи кон нашата марка, уште од самиот почеток“, кажа Гајсен за новиот модел.
Наследникот на А-Класата треба да се појави во 2028 година. Мерцедес првично имаше намера да престане со производство на А-Класата и да им се посвети на поголемите модели, што носат повисока заработка, но сега реши производството на тековниот модел да продолжи до завршетокот на 2028 година.
„Тоа ќе биде модел каков што не постои во моментов“, изјави шефот за развој Јерг Бурцер.
Мерцедес не открива поединости околу изгледот. Се претпоставува дека тоа ќе биде кросовер, како спој на СУВ со компактен миниван. Во тој случај, идната А-Класа ќе биде враќање на првата и втората генерација на оваа моделска серија, којашто првпат се појави на пазарот во 1997 година.
Исто така е голема веројатноста дека моделот ќе се произведува во Кечкемет, Унгарија.
Доколку наследничката на А-Класата добие примеси на миниван, таа ќе биде наследник и на Б-Класата, што годинава ќе престане со производство и нема најави за нејзина наследничка.
Калениус кажа дека пресвртницата за враќање на компактен модел со пристапни цени било тоа што платформата ММА дозволува користење батерии НМЦ и ЛФП за целосно електричните изведби, но дозволува и изведби со мотор со внатрешно согорување.
Аналитичарите оценуваат и дека идната А-Класа ќе им биде од корист и на дилерите на Мерцедес. „А-Класата историски е најпродаван модел во сегментот – со преку 130.000 возила во 2020 година. Откажувањето од тој волумен ќе ѝ наштети на скалестата економија и ќе ги остави дилерите без основен модел во понудата,“ кажува Бенјамин Кибис, виш аналитичар во Датафорс.
Ауди и БМВ го предбодат сегментот на премиум компакти
Мерцедес со овој модел ќе може да остане во трка против Ауди и БМВ во сегментот на премиум компакти во Европа, каде што владејат Ауди А3/С3 со 121.924 продажби во 2025 година. Серијата 1 на БМВ е втора со 92.002 возила, потоа следи А-Класата со 70.040 возила.
Со сите свои компактни модели, Мерцедес учествува со 145.000 возила во овој сегмент, додека БМВ има 132.000 возила. Б-Класата постигна 14.000 продажби во 2025 година.
Во рамките на стратегијата на Калениус, за преоѓање на врвни луксузни автомобили, семејството модели од компакт класата требаше да се скуси од некогашните седум на четири модели. Требаше да останат лимузината ЦЛА и комбито ЦЛА Шутинг Брејк, како и СУВ-моделите ГЛА и ГЛБ.
Според тековната пазарна динамика, доколку Мерцедес се откажеше од А- и Б-Класата, ќе останеше без 85.000 продадени возила годишно во Европа.
Најдостапниот модел на Баварците, БМВ 116, во Германија чини 37.800 евра. Ауди А3 Спортбек спушта на 31.500 евра, додека А-Класата се нуди за 34.600 евра.
За споредба, најдостапната изведба на Мерцедес ЦЛА чини 48.500 евра.
















