Ducati Panigale со најсилниот двоцилиндарец на сите времиња

Ducati ќе го претстави новиот 1299 Panigale на салонот на мотоцикли во Милано. Со 205 КС, овој мотор од 1,3 литар е најсилен двоцилиндарец на сите времиња.

Покрај стандардната варијанта Ducati 1299 Panigale ќе биде претставена и облагородената верзија S на новиот Panigale. Двоцилиндарскиот мотор на новиот Ducati 1299 Panigale ослободува 205 КС при 10.500 вртежи, што е апсолутен рекорд кај сериските мотоцикли. Како максимален вртежен момент се наведува вредност од 145 Nm при 8.750 вртежи.

Италијанците ги дотераа и дизајнот на задниот дел, предниот оклоп и седиштето. Со промените во предната и задната вилушка е подобрено и подвозјето на Ducati 1299 Panigale. Новиот АВЅ којшто е веќе познат од KTM Adventure 1190 и потекнува од Bosch, исто така се вградува во новиот Panigale. Контролата на тракцијата и таканаречената контрола Ducati-Wheelie може да се дотераат во осум различни степени. Со полн резервоар, Panigale тежи 191 килограми. Малку полесен е Panigale 1199 со тежина од 188 килограми со полн резервоар.

Верзијата S на Ducati 1299 Panigale поседува полуактивно подвозје развиено во соработка со Öhlins, коешто ја подобрува амортизацијата на овој суперспортски модел. Заедно со Ducati 1299 Panigale, Италијанците ќе ја претстават и новата верзија на Ducati 1199 Panigale R, којашто се базира на Superleggera и во сериската верзија располага со 205 КС при 11.500 вртежи. Во понудата останува и Ducati 899 Panigale во „дукати црвена“ и „арктички бела“ боја.

Претходна објаваНовите автомобили ги исполнија еколошките цели на ЕУ
Следна објаваАвтомобили во комуникациска мрежа долга 1300 километри

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here