
Германската влада дополнително го скуси рокот на веќе предвремениот завршеток на државната помош за купување електрични автомобили. Од недела, 17-ти декември, Сојузната агенција за стопанство и контрола на извоз повеќе не прима барања за бонусот за животна средина, соопшти во саботата министерството за стопанство и заштита на климата во Берлин.
Субвенциите што веќе се одобрени не се опфатени со прераниот завршеток и ќе им се исплатат на купувачите. Барањата што уште ќе доспеваат до Агенцијата на 17-ти декември, ќе се обработуваат според редоследот на нивниот прием.
Семафор-коалицијата од Социјалдемократската Партија, Зелените и Слободните Демократи во минатата среда постигнала договор, како да се затворат дупките длабоки милијарди евра по пресудата на Уставниот суд. Одлуката го опфаќа и фондот за клима и за трансформација, од којшто се исплатуваат субвенциите за електрични автомобили
Според првичните планови на Министерсвото, субвенцијата за електрични автомобили требаше да трае дури до завршетокот на 2024 година, односно порано, доколку се исцрпат средствата.
Со цел да се забрза продажбата, тогашната сојузна влада во 2016 година воведе олеснување за купување електрични и електрифицирани автомобили. Според соопштението на министерството за стопанство и заштита на климата од саботата, оттогаш се исплатени околу 10 милијарди евра за околу 2,1 милиони електрични и електрифицирани автомобили. Програмата за субвенционирање се покажа мошне успешна и значително ја поттикна електромобилноста во Германија.
Според Агенцијата, годинава се примени околу 376.000 барања за електрични возила и исплатени се 2,4 милијарди евра. Тоа се во просек 6.383 евра по возило. Бројот на возила за коишто е поднесено барање за премијата во 2023 е смален во споредба со минатата година.
Кривите ја прикажуваат висината на средствата за субвенционирање на купувањето електрични автомобили во Германија, почнувајќи од 2016 година
🔌🚗 🌍 Im November wurden 22.896 Anträge für den #Umweltbonusgestellt 📈. Im Oktober waren es 19.296.
💡 Alles zu den Fördermöglichkeiten von E-Autos: https://t.co/UesHFRz616 pic.twitter.com/kMyjHV8BPg
— BAFA Bund (@BAFA_Bund) December 11, 2023
Причина за падот е одлуката по 1-ви јануари 2023 година да се субвенционираат исклучиво батериски и водородни електрични автомобили. Приклучните хибриди останаа без подршка. Покрај тоа, од 1-ви септември, барање за субвенција може да побараат само приватни лица. Така и компаниите останаа без поддршка. За споредба, во 2022 година беа исплатени 3,4 милијарди евра субвенции за 820.000 возила.
Дали ќе се намали продажбата на електрични автомобили
Експертите стравуваат дека ќе трпи продажбата на електрични автомобили. „Со кризата во домашниот буџет, според нбашите процени, следно е автомобилската индустрија во Германија да западне во криза со електричните автомобили“, порачува ценетиот автомобилски експерт Фердинанд Дуденхофер. Тој очекува во 2024 година во Германија да се продадат до 200.000 електрични автомобили помалку.















