Пред една година Nissan најави дека ќе основа трета марка, покрај престижниот Infiniti. Првиот модел од старо новата марка Datsun е претставен денес во Индија.
Првиот модел од марката Datsun ќе се продава под моделската ознака Go. Моторот е 1,2 литарски мотор, а каросеријата е долга 3,79 сантиметри, со што моделот се позиционира точно во средина меѓу сегментите A и B. Според Nissan, целна група се купувачи од растечките пазари, кои што бараат автомобил со поголема противвредност, за задоволување на секојдневните потреби, но во исто време и за исполнување на нивните соништа и амбиции за подобро утре. Тоа се луѓе што напредуваат, како што впрочем сугерира и името на моделот Go.
Името потекнува од првиот модел на Datsun, Dat-Go, кој бил претставен во Јапонија пред речиси еден век. Со овој модел Datsun им овозможил мобилност на луѓето што претходно само сонувале да поседуваат автомобил. Производителот наведува дека Datsun Go е квалитетен, стилски и модерен, со пријатно чувство во возење. Покрај тоа, одржувањето на возилото ќе биде евтино, како еден од пресудните аргументи за набавка на возилото во земјите за кои што тоа е наменето.
Datsun е за Nissan тоа што Dacia е за Renault
Винсент Коби, прв човек на Datsun, објаснува: „Кога клиентот ќе ја купи првата кола во земји како Индија, Индонезија, Русија и Јужна Африка, тој прво сонува за неа. За сонот да се оствари, на клиентот му е потребен пристап, чувство на припадност кон марката. Поради тоа што оваа набавка е значаен дел од нивниот приход, важно е тие да имаат полна доверба во марката и во производот.“
Моделите на Datsun ќе бидат развивани посебно за одделни региони во светот, но концептот ќе биде истиот. Datsun Go е прв од неколкуте идни модели на Datsun кои што ќе бидат лансирани во првата половина на 2014 година во Индонезија, Русија и Јужна Африка. Производството на автомобилот ќе се одвива во една од најновите фабрики на Renault-Nissan, во Орагадам во индискиот Ченај.