Дачиа Сандеро е на пат и во февруари да биде најпродаван модел на европскиот пазар. Фолксваген Голф забавува, Тесла заостанува далеку.
Два месеци по ред, насловот на најпродаван модел на европскиот пазар го освојува Дачиа Сандеро.
Моиделот од градската класа, којшто воедно беше и најпродаван модел во цела 2024 година и во почетокот на годинава, води со повеќе од 2.600 возила пред најблискиот соперник, Ситроен Ц3, во борбата за првото место во февруари.
Сандеро ја зголеми продажбата во февруари за 3,5 проценти. Уште поголем раст постигна Ситроен Ц3 со 6,1 проценти и продадени 18.181 возило. Тој го престигна силниот француски соперник Рено Клио, којшто сега е 3-то место, но со 17.588 возила пак има раст од 21 проценти во споредба со февруари лани.
Фолксваген Голф лизна на 4-то место, откако во јануари беше европски вицешампион. Продажбата на германскиот класичар во минатиот месец падна за 18 проценти, на 16.081 возила, покажуваат првичните податоци од агенцијата Датафорс, по добиени 99 проценти од податоците за продажбата на пазарите во ЕУ, ЕФТА и ОК.
Водечката петорка ја заокружува Пежо 208, чијашто продажба се намали за 13 проценти, на 15.555 возила.
Кои модели беа големи победници на европскиот пазар во февруари?
Најголем победник меѓу моделите во Топ 10 беше Фолксваген Тигуан.
Продажбата на компактниот СУВ порасна 31 проценти, на 15.373 возила, во споредба со февруари лани. Во јануари, Тигуан исто така напредуваше, со 29 проценти раст и продадени 17.142 возила.

Друг модел што фати одличен залет во 2025 година е Пежо 3008, со продажба зголемена 41 проценти и продадени 10.449 возила. Тоа следи по јануарскиот раст од 36 проценти. Компактниот СУВ годинава е на 17-то место, далеку понапред од 36-то место лани во февруари
Меѓу останатите модели со голем напредок во Топ 50 се електричниот Фолксваген ИД.4 (+151 проценти) и Џип Авенџер (+41 проценти).

Продажбата на Тесла Модел Ипсилон во февруари падна 57 проценти, на 8.679 возила, што беше доволно за 23-то место. Марката предводена од контроверзниот Илон Маск е на пат набрзо да исчезне од европскиот Топ 50.
Кои модели напредуваа најмногу во првите два месеци?
Во јануари и февруари, порасна продажбата на моделите на Дачиа, Тојота, Шкода и Фолксваген.
Дачиа Дастер забрза за 16 проценти и се продаде во 30.656 примероци, откако стартуваше новата генерација. По два месеци, тоа е 8-от најпродаван модел во Европа.
Исто и Ц-ХР, стилскиот кросовер на Тојота, ја зголеми продажбата за 15 проценти и постигна 20.129 возила, што е доволно за 20-то место.
[the_ad id=”85764″]
За 35 проценти напредуваше продажбата на Шкода Кодиак по два месеци, со 16.792 возила.
Најголемата победа сепак му припаѓа на електричниот Фолксваген ИД.7, чијашто продажба порасна за преку 800 проценти, со 11.312 возила за два месеци.
Големата разлика се должи на фактот дека ИД.7 штотуку стартуваше со продажба во првите два месеци лани. Со осумкратното зголемување на продажбата, електричниот модел од средната класа се најде меѓу 50-те најпродавани модели во Европа до февруари.
















