Шкода го почна обновувањето на својата понуда од СУВ-модели токму со најголемиот, со Кодиак. Тој е прв во тековното СУВ-трио, покрај Карок и Камик, што влезе во втора генерација. Од него почна и новиот бран на модели со оваа владејачка форма на каросерија, по успешното поглавје на Јети.
Чешката марка веќе одамна се имаше одомаќено во вишата класа, со третата генерација на Суперб, кога Кодиак во 2017 година ѝ се придружи на веројатно најпродаваната негерманска лимузина во класата. Во следните две години дојдоа компактниот Карок и малечкиот Камик. Во таа постава, Кодиак изгледаше само како најголем во триото.
Тоа е сменето кај новиот Кодиак. Во појавата на СУВ-знаменосецот што мери 4,76 метри од еден до друг крај, се чувствува отменост, има елеганција. Така предвидува новиот дизајнерски јазик на марката. Кодиак изгледа како класичен модел да е донесен во денешницата, со зафати во аеродинамичноста и во изработката.
Предните светла се дводелни и достојно на класата користат ЛЕД-техника, со посебна програма за лошо време – како што денес се нарекуваат магленките – и со светло за свијоци. Нови и уште поспособни матрични диодни светла, со автоматско долго светло, вртење во свијоци, динамични задни трепкачи, се добиваат со пристојна доплата од 1.230 евра, а за уште 130 евра над тоа се добива и осветлена решетка напред.
Политиката на цените е тоа што дополнително влева доверба во чешката марка
Единствено што отстапува во убедливата и доречена појава е облогата на задните столбови, што изгледа „еколошки нелакирана“. Но, во марката со прочуеното мото на симпли клевер или едноставно мудро, секако дека и за тоа има решение. Кој сака малку боја или ефект на хром, има на располагање пакет Оптик, со задни столбови со УДЦ-финиш, што значи Уникатно Темен Хром, заедно со рамки околу прозорците во црна сјајна боја, па уште и сребрени шини на покривот – сето тоа со 390 евра доплата. Многу е фер оваа марка околу политиката на цените, затоа и привлекува симпатии.
Во поглед на просторноста на кабината, стандардната мерка е 1 метар. Што и да се мери, сé е подолго од 1 метар, вклучувајќи ја ширината на задните врати или должината на подот на багажникот. За разлика од ексклузивната Октавија што беше на тест летоска, со внатрешност обложена целосно со кожа во боја на коњак и уште неколку дузини екстра-удопства, овој Кодиак дојде на тест со основната изведба на внатрешноста.
За разлика од лимузинскиот знаменосец Суперб, понудата кај Кодиак не почнува од нивото Есенс, туку веднаш од повисокото ниво Селекшн
И пак ништо не недостига. Шкода ја почнува понудата во гамата на Кодиак со нивото Селекшн. За разлика од лимузинскиот знаменосец Суперб, тука воопшто не се нуди нивото Есенс. Сите системи за асистенција се присутни, од радарски темпомат, до следење лента, а на тоа следат уште тризонска автоматска клима, задна камера, средишен дисплеј од 13 инчи, пристап без клуч, електрика за вратата на багажникот, електрика и греење на предните седишта, алу-тркала од 17 инчи.
Фер е и тоа што изведбата Спортлајн е достапна за сите мотори. Според ценовникот од март ’25, Кодиак со дволитарски дизел со 150 КС чини 45.700 евра во ниво Селекшн. За одважниот Спортлајн треба да се смета на 51.830 евра, што вклучува уште десетина ставки од опремата. Кој верува дека и бензинец е сосем разумен избор во денешно време, во крстосувач од оваа големина, може да најде златна средина со изборот на 1.5 ТСИ е-Тец со благ хибрид, којшто како Спортлајн чини 48.540 евра.

Внатрешноста создава чувство како човек да се наоѓа на познат терен
Дизајнерите ширум целата бранша во меѓувреме успеаја да се снајдат со големите дисплеи што се неодминливи во денешницата, па повеќе не изгледаат како чир среде кокпитот. Кога човек ќе се најде зад воланот, тогаш вистински ја осознава намерата на Шкода со овој безрезервен СУВ. Тука возачот е на познат терен. Сите функции се на место, сé е како што се научило – можеби со исклучок на бирачот на степени за возење, којшто се пресели десно зад воланот, и со којшто се ракува слично како кај Фолксваген ИД.3 и компанија.
Кокпитот само изгледа како класика, затоа што зад површината се крие многу технологија. Најдобар пример за тоа се трите вртливи прекинувачи за климатизацијата. Тие отпрво се чинат класични, но изненадувањето допрво следи. Уште пред Млада Болеслав да открие каков било детал од каросеријата на новиот Кодиак, на сцената ѝ беше познато дека во него ќе функционираат овие прекинувачи.
Трите вртливи прекинувачи се новото подрачје на Симпли Клевер на Шкода
Во секој од нив е вграден дисплеј, што ја прикажува дополнителната функција. Додека страничните прекинувачи имаат функција за местење на темпеатурата и греењето на седиштата, средниот прекинувач има дури пет функции: Брзина на вентилатор, правец на дување, силина на звук, режим на возење и зумирање навигациска мапа. Ако тоа на слика некому изгледаше како евтин трик, во реалноста е многу практично и мудро. Симпли клевер.
Дизелот пак се чини како природен дел во оваа средина, иако според тест-искуствата со други модели и марки во Аутомедиа, и бензинецот со благ хибриден погон ќе биде добар избор. Разликата сепак е близу 4.000 евра, меѓу 1.5 е-ТЕЦ АЦТ и 2.0 ТДИ Ево, двата со 150 КС. Но, малку е веројатно дека нешто може да го достигне чувството на триумф, кога ќе се провери просекот и ќе се прочита вредност на потрошувачка со петка пред запирката. Тоа е вистинскиот триумф, да се поседува автомобил што постигнува толку ниска потрошувачка, иако на клиентелата на овој недвојбено раскошен автомобил не би требало да ѝ биде значајна вредноста на потрошувачката. Сето тоа успева без каков било труд, ТДИ едноставно си штеди.

Со префинети манири
Покрај тоа што радува спојот на техно-класиката во кокпитот, следното што уверува во напредокот кај новиот Кодиак е чувството во возење. Сето тоа што прави возењето автомобил од виша класа да се чувствува различно од автомобил од средна класа, Шкода го сервира во овој Кодиак со фабрички код ПС. Во споредба со претходникот, којшто со големината спаѓа во вишата класа СУВ, но во поглед на префинетоста во комфорот и во возните својства, сепак е на рамниште на средна класа, тука веќе може да се зборува за модел што навистина може во секој поглед да конкурира на модел од средна класа – иако главнината од тие СУВ-модели доаѓаат од премиум марките.
Прецизноста и хомогеноста во работата на управувањето јасно укажуваат дека тоа е „концернот Фолксваген“ и внесува задоволство и сигурност во возењето. На тоа следи и пристојна доза на комфор, во сите подрачја, од акустичниот комфор до комфорот во амортизацијата. Кој сака да биде уште посигурен дека Кодиак секогаш ќе му биде покомфорен и воедно подинамичен, може да се реши за опцијата на приспособливо подвозје, заедно со прогресивно управување, што чини 810 евра.
Не само со димензиите, туку и со возните квалитети, Шкода Кодиак е многу блиску до вишата класа
Сигурноста на Шкода, да направи новиот Кодиак да биде и доволно класичен, и доволно напреден во технологијата, доаѓа од едно сосем „неочекувано“ место. Заслугата за тоа ја има чисто електричниот Ениак, што го големината одговара на Кодиак, меѓутоа ја сервира технологијата многу повидливо и поосетливо. Така купувачите можат сосем спокојно да решат, или техно-класичен Кодиак или техно-авангарден Ениак. И двата модели се одлични на пазарот. Тоа што на електро-пазарот не се продава како Тесла, многу е веројатно дека ќе биде Ениак. Во новата генерација, Шкода Кодиак е многу посериозен напаѓач на премиум моделите во вишата класа, од кога било досега. Овојпат не се работи само за димензии, туку и за префинетост. Кодиак вози класа погоре.















