
Првиот брод со контингентот од Мицубиши Аутлендер што е наменет за европскиот пазар се истовари во Германија. СУВ-моделот со приклучен хибриден погон ќе се појави во салоните на дилерите ширум Европа и ќе му донесе нов залет на јапонскиот производител.
„Ја обновуваме нашата моделска стратегија, за на нашиот бизнис во Европа да му дадеме подолгорочна перспектива. Со новиот Аутлендер го активираме следниот степен“, кажа Франк Крол, претседател и извршен директор на Мицубиши Моторс Европа во разговор со Аутомобилвохе.
Мицубиши ја смени одлуката за повлекување од европскиот пазар
Дилерите на Мицубиши доживеаја шок кога јапонскиот автомобилски концерн во 2020 година најави дека чекор по чекор ќе се повлекува од Европа.
Јапонските менаџери тогаш оценија дека претстојните и построги норми за ЦО2 на ЕУ оневозможуваат бизнисот да се води профитабилно. Во меѓувреме, одлуката е повлечена и Мицубиши се бори за враќање на европскиот пазар.
До завршетокот на годинава, европските дилери ќе имаат три нови модели на Мицубиши во своите салони.

Дилерите неделава ќе го испробаат новиот Аутлендер
Во Берлин во текот на неделава ќе се одржува роудшоу за дилерите на Мицубиши. Долго време се чекаше да почнат испораките на новиот Аутлендер, чијашто продажба доцни една година поради потешкотиите околу хомологацијата. Во второто полугодие следат уште два модели, новиот Грандис и СУВ-модел со целосно електричен погон.
Грандис ќе ја доживее својата светска премиера на 1-ви јули. Ова моделско име порано му припаѓаше на еден сеемен ван, на чиешто место доаѓа компактен СУВ со должина од 4,40 метри, како основа на СУВ-понудата на марката.
Платформата потекнува од Рено, со којшто Мицубиши е во сојуз, заедно со Нисан. Името на идниот СУВ со електричен погон, којшто е долг 4,50 метри, ќе биде соопштено во мај. Неговата продажба се очекува да почне во октомври.
Повторно со шест модели за Европа
Со овие три нови „дијаманти“ – името Мицубиши се состои од јапонските зборови мицу и биши, што значат три дијаманти – марката повторно ќе нуди шест модели на европскиот пазар, покрај Колт и Спејстар, како и планираната нова генерација на Еклипс Крос.
Шефот Крол предвидува во новата фискална година да испорача околу 60.000 возила на европскиот пазар, што би претставувало раст од 15 проценти во споредба со 2024 година.
Најголем пазар на Мицубиши во Европа и понатаму е Германија, каде што лани беа испорачани 28.679 возила. Тоа е далеку од бројките пред корона, но менаџментот очекува дека продажбата ќе продолжи да расте.
Аутлендер во својата 4-та генерација е знбаменосец на Мицубиши на европскиот пазар. Моделот ќе се продава во Европа исклучиво со приклучен хибриден мотор, со бензински мотор. Дизелот повеќе не е во понуда. „Се откажавме од дизелот, пазарниот удел во Европа опаѓа.“
[the_ad id=”85764″]
Приклучниот хибрид дозволува возење на струја до 85 километри. Мицубиши се смета за предводник на оваа погонска технологија. Во 2013 година, Аутлендер беше прв СУВ-модел со приклучен хибрид во светот. Новиот модел постигнува подолг електричен досег, поголема батерија, подобрено подвозје и зголемена возна динамика.
Побарувачката за приклучни хибриди расте и на Мицубиши му беше важно да го има Аутлендер во понудата во Европа. Новиот Мицубиши Аутлендер поставува мерила за во сегментот на Д-СУВ возила со приклучниот хибрид.
Шест илјади Аутлендери во Германија до завршетокот на годинава
Основниот модел во Германија чини 49.900 евра и има широк круг на потенцијални купувачи. За периодот од април до декември, дилерите во Германија очекуваат продажба меѓу 5.000 и 6.000 примероци.















