Продажбата во Европа во февруари 3% во минус и покрај растот кај ФВ, БМВ и Рено

Електричниот СУВ-модел Фолксваген ИД.4 во февруари имаше раст од 151% и продадени 6.167 примероци во споредба со лани.

Овие три производители го завршија минатиот месец со голем раст во продажбата, но тоа не беше доволно да надомести за падот кај останатите марки, што резултираше и со вкупен пад во продажбата на автомобили во Европа во февруари.

Во трите проценти во минус на европскиот пазар се вклучени падот во продажбата кај Порше (-35 проценти), Волво (-14%), Тојота (-7,7%) и Шкода (-5,9%). Во вториот месец од 2025 година, европскиот пазар брои вкупно 949.046 возила, покажуваат првичните податоци од Датафорс, коишто претставуваат 99% од вкупната продажба во ЕУ, ЕФТА и Обединетото Кралство.

Доколку се земат само петте најголеми пазари во Европа, тие заедно се 2,3 проценти под резулатот од февруари лани, со вкупно 661.332 возила. Четири од тие пазари се во минус во споредба со лани.

Германија е 6,4 проценти во минус, следи Италија со -6,3%, по неа Обединетото Кралство (-1,0%) и Франција (0,7%). Единствено Шпанија продаде повеќе возила, дури 12% повеќе отколку во истиот месец во 2024.

Вкупно 38 производители пријавија продажба што е под резулатот од ланскиот февруари. Исто толкав е бројот на производители што имаа раст во продажбата. Меѓу нив се БИД, МГ и уште 10 кинески марки, според податоците на Датафорс.

Тесла паѓа, Фолскваген изби на фронтот на електричните возила

Големиот пад во продажбата на Тесла, додека во исто време нагло порасна продажбата на електричните модели на групацијата Фолксваген, предизвика големи разместувања меѓу најпродаваните ЕВ-модели на европскиот пазар.

Тесла продаде 15.255 возила, што претставува пад од 44 проценти.

Продажбата на електричните модели на марката Фолксваген имаше раст од 182 проценти и вкупно 19.519 продадени автомобили. Сите модели во семејството ИД имаа раст во продажбата, од 25 проценти па нагоре.

Меѓу останатите добитници со електричен погон се три новаци. Рено 5 во февруари беше 4-ти најпродаван електричен автомобил во Европа, со 5.538 примероци, а по него Киа ЕВ3 на 7-то место со 5.347 продажби и Ситроен е-Ц3 со продадени 5.094 примероци.

Сите овие модели придонесоа вкупната продажба на електрични автомобили во Европа во февруари да порасне за 26 проценти, со вкупно 160.992 возила.

[the_ad id=”85764″]

Како поминаа кинеските производители на автомобили во февруари?

Продажбата на кинеските возила имаше раст од 64 проценти, со 38.902 примероци. Во јануари и во февруари, автомобилите од Кина имаа зголемена продажба, наспроти падот на целиот европски пазар два месеци во низа.

Кои други марки се големи победници во продажбата во Европа во февруари?

Полстар, електричната премиум марка на кинескиот Џили, во февруари напредуваше за 83 проценти во споредба со лани, со вкупно 2.393 возила. Најпродаван е Полстар 4, којшто учествуваше со 52 проценти во продажбата на марката.

Купра, спортскиот огранок на групацијата Фолксваген, исто така напредуваше во февруари, со раст од 31 проценти и продадени 20.389 возила. Најголемата заслуга има наглиот раст во побарувачката за електричниот компакт Борн, којшто регистрираше 3.386 продажби.

Марката Рено постигна раст од 19 проценти и продадени 57.359 возила. Најголем напредок постигна Клио, со раст од 21 проценти и продадени 17.588 возила, заедно со компактниот кросовер Симбиоз, со 5.845 продажби.

Кои марки ја предводат продажбата во најголемите сегменти во Европа?

Групаците Фолксваген и БМВ во февруари ја задржаа одличната продажба од јануари и соодветно водат во десет, односно во шест сегменти, по првите два месеци од 2025 година.

Тоа значи дека двете групации предводат со 16 од вкупно 22 сегменти на коишто се дели европскиот автомобилски пазар.

По два месеци, матичната марка БМВ и марката Мини, први се кај премиум моделите во градската класа и кај кабриолетите (Мини Купер), кај премиум средната класа (серија 3), кај премиум вишата класа (серија 5), премиум компактни СУВ (Икс 1) и егзотичните модели (Икс М).

Марките Фолксваген, Шкода, Ауди и Порше по првите два месеци ги предводат сегментите на компактните модели (Фолксваген Голф), средна класа (Фолксваген Пасат), купе и кабриолети (Фолксваген Т-Рок), компактни СУВ (Ауди А3), премиум купе (Порше 911), луксузни лимузини (Порше Тајкан) и премиум големи СУВ (Ауди Ку 6 Е-трон).

Претходна објаваДачиа Сандеро пред нов триумф, во трка со Ситроен Ц3 за најпродаван модел во февруари во Европа
Следна објаваГермански добавувачи на фабрики за автомобили се префрлуваат на воена опрема

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here