Електричната Киа ЕВ3 го предизвикува бестселерот Волво Е Икс 30

Со батерија од 81 кВч, Киа ЕВ3 постигнува досег од преку 600 километри. Компактниот СУВ се произведува во Кореја.

Иако Киа обично се соочува со големоволуменските марки како Рено, Пежо или Фолксваген, кај ЕВ3 е поинаку, затоа што тој цели кон премиум моделот Волво Е Икс 30, што е незначително помал. Тоа го напомена Џузепе Мазара, директор за маркетинг на Киа во Италија, за време на тест возењата за медиуми што се одржуваа во Лисабон, Португалија.

ЕВ3 е долга 4.300 милиметри, додека Е Икс 30 мери 4.233 милиметри во должина.

„Е Икс 30 е мерило за конкурентноста на ЕВ3“, кажува директорот, додавајќи дека Киа сака да го предизвика Волво „да ги заслужи парите“.

Е Икс 30 е најпродаван малечок електричен СУВ во Европа, со продадени 66.313 примероци до октомври, според податоците на Датафорс. Тој е воедно и трет најпродаван ЕВ во Европа, по Тесла Ипсилон и Тесла 3.

Цената за основната ЕВ3 со батерија од 58,3 кВч изнесува 35.990 евра во Германија, додека моделот со поголемата батерија од 81,4 кВч почнува од 41.390 евра. Е Икс 30 во Германија почнува малку под 40.000 евра и досега до преку 50.000 евра.

Меѓу останатите соперници што ги спомнува Киа се наоѓаат компактниот Рено Сеник, Смарт број 1 којшто е помал, но е со премиум нишка, понатаму компактните комбилимузини Рено Меган, Фолксваген ИД.3 и Купра Борн. Меѓу конкурентите секако спаѓа и Хјундаи Кона, којашто иако е во иста групација со Киа, користи различна платформа од ЕВ3.

Силните страни на ЕВ3 се досегот, брзото полнење и просторноста

Киа наведува дека ЕВ3 има бројни предности над конкуренцијата што е разновидна: досег до 605 километри со батерија од 81,4 кВч, конкурентна брзина на полнење, просторна кабина при компактна каросерија и низа технолошки напредни одлики, што Киа ги има пренесено од електричниот СУВ-знаменосец ЕВ9.

Погонот на ЕВ3 е електромотор од 150 кВ што е вграден напред. Највисоката брзина е 170 километри на час. Изведбата со стандарден досег забрзува за 7,5 секунди до темпо сто. Во 2026 година ќе се придружи спортска изведба ГТ со погон на сите тркала.

Повеќето од техничките ставки од поголемите ЕВ на Киа се достапни и во ЕВ3, било како стандард, било како опција. Меѓу нив се 4-те режими на возење – Еко, Спорт, Снег и режим по свој вкус – како и четири степени на регенерација.

Алекс Папапетропулос, шеф за понудата од модели во Киа Европа, кажа дека овие својства ќе ѝ помогнат на ЕВ3 да привлече купувачи што сакаат помал автомобил од претходно. ЕВ3 нема да ѝ наштети на продажбата на мошне бараниот СУВ-модел Спортаж со мотори со внатрешно согорување, затоа што „двата модели се на сосем различни списоци за купување“, додава шефот.

Киа нема намера да ја произведува ЕВ3 во Европа

ЕВ3 се произведува во фабриката на Киа во Кванмен, Јужна Кореја. За разлика од Хјундаи Кона што се монтира во Ношовице, Чешка, Киа нема намера ЕВ3 да го пушти во фабриката во Жилина, во соседна Словачка. Таму треба да се произведува ЕВ2, помал кросовер чијашто продажба во Европа ќе почне во 2026 година

Киа ЕВ3 е констрирана врз платформата е-ГМП, односно ја дели основата со ЕВ6 и со ЕВ9. Разликата е во тоа што кај ЕВ3, архитектурата работи под напон од 400 волти, додека кај поголемите и поскапи модели, напонот е двојно повисок. Тоа е важно за покусо полнење на батеријата, при користење брз полнач со еднонасочна струја.

Полнењето се одвива со брзина од најмногу 128 кВ кај батеријата од 81,4 кВч. Тоа значи дека наполнетост од 10 до 80 проценти се постигнува за околу половина час. При користење полнач со двонасочна струја, брзината е ограничена на 11 кВ. Можност да се полни со 22 кВ ќе биде додадена в година.

Во основната изведба Ер, досегот изнесува 605 километри, со поголемата батерија од 81,4 кВч и со тркала од 17 инчи. Истиот модел, но со батерија од 58,3 кВч, постигнува досег од 436 километри, зависно од опременоста. Поскапите изведби со големи тркала од 19 инчи, Ерт (земја) и ГТ Лајн, располагаат со досег од 563 километри со големата батерија, односно 414 км со помалата батерија.

На новинарските тест-возења во Португалија, верзијата со батерија од 81,4 кВч постигна просечна потрошувачка од 12,8 кВч на сто километри на комбинирана рута околу Лисабон. Со таков просек, досегот со полна батерија би изнесувал 636 километри.

За штедливоста на ЕВ3 помага нискиот кофициент на отпор на воздух од 0,263, што е мал за СУВ и воедно е помал од конкурентските Волво Е Икс 30 и Рено Сеник, наведуваат од Киа. Тоа што придонесува за аеродинамичноста се подвижните ламели во предната маска и каросеријата што завршува како „опаш на чамец“. Помага и тоа што ширината на трагата на задната оска е за 11 милиметри помала во споредба со предната, со што исто така се подобрува струењето на воздухот околу кабината, напоменуваат од Киа.

Киа очекува ЕВ да учествуваат со четвртина во вкупната продажба во 2025

Покрај тоа што ќе им одземе од пазарниот удел на конкурентите, ЕВ3 е важна и затоа што ќе придонесе групацијата да ги исполни лимитите на ЕУ за ЦО2 за 2025 гходина, коишто се за 15 проценти под сегашните вредности.

Тековната понуда од ЕВ на Киа во Европа го вклучува кросоверот од средна класа ЕВ6, големиот СУВ модел ЕВ9 и изведба со погон на струја од компактниот Ниро. Последниов е присутен неколку години на пазарот и се нуди со повеќе видови погон.

Според Датафорс, продажбата на Киа во Европа до октомври опаднала за 5,3 проценти, со 457.247 возила. Електричните возила исто така имаат пад од 14 проценти, со 55.827 возила. Уделот на ЕВ во продажбата на марката изнесува 12 проценти.

Роман Крафовански, директор за производство во Киа Словачка, на настанот што се одржа во фабриката на Киа во Жилина, кажа дека според процените, Киа во 2025 година мора да постигне електричните автомобили да учествуваат со 25 проценти во вкупната продажба, за да се исполнат новите лимити за ЦО2 на ЕУ.

Продажбата на компактни ЕВ во Европа (вклучувајќи ги сите видови на каросерија) порасна за 1,5 процент, на 549.708 возила. Најпродаван е Фолксваген ИД4 со 52.550 возила, по него се МГ4 и ФВ ИД3. Водечката петорка ја дополнуваат БМВ иИкс1 и Волво Е Икс 40. Киа Ниро е 10-ти најпродаван модел, со 23.287 возила.

Видеото од тестот на Волво Е Икс 30 во Аутомедиа

Претходна објаваФолксваген сака да се откаже од агенциска продажба на електрични автомобили
Следна објаваФранција ја скуси помошта за купување електрични автомобили, буџетот не достаса

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here