Во концернот Фолксваген се размислува, директниот начин на продажба фабрика-купувач, односно т.н. агенциски модел, да се укине на најголемите пазари во Европа, затоа што истиот не придонел да се забрза продажбата на електрични автомобили.
Фолксваген наведува дека продажбата на електричните возила преку агенциски модел, додека кај автомобилите со мотор со внатрешно согорување се продолжи со традиционалниот начин на продажба, било многу комплексно и тешко на ослабнатиот европски пазар.
„Земајќи ги предвид предизвикувачките услови, ќе мораме повторно да испитаме дали нашиот тековен агенциски модел на продажба на целосно електрични автомобили го нуди најдоброто можно корисничко искуство,“ порача во соопштението Марко Шуберт, член на управниот одбор на концернот Фолксваген, одговорен за продажба.
Тој вели дека агенциската продажба и натаму претставува „долгорочна цел“ за Фолксваген.
Агенцискиот модел ќе се проверува за матичната марка Фолксваген, за Ауди и Шкода, како и за доставните возила. Пазарите што се земаат предвид се Франција, Германија, Полска, Шпанија и ОК. Фолксваген ја воведе директната продажба на електрични возила во 2020 година.
Резултатите околу откажувањето на директната продажба се очекуваат кон завршетокот на март, кажуваат од Фолксваген.
Купра ќе продолжи да ги продава своите електрични автомобили преку агенциски модел
Фолксваген соопшти дека марката Купра, којашто се издвои од Сеат, ќе продолжи своите електрични возила да ги продава преку агенциски модел. Сите марки и сите модели на концернот Фолксваген, независно од видот на погон, во Ирска ќе се продаваат под агенциски модел.
Бавното преоѓање кон електрични автомобили доведе до тоа дилерите на Фолксваген да мораат подолго од предвидувањата да ги работат паралелно двата начини на продажба. Тоа е дополнителен предизвик за организациајта на продажбата.
Маржата за дилерите била пречката за сопнување
Марката Фолксваген на дилерите им исплаќала фиксна маржа од 4 проценти и флексибилна ценовна рамка од 2 проценти за секој продаден електричен автомобил. Тоа било причина за негодувањето на дилерите, коишто барале маржа од 6 проценти и флексибилна ценовна рамка од 3 проценти. Користените автомобили исто така биле проблем.
Фолксваген соопшти дека планира агенцискиот модел да го примени во флотната продажба.
„Во Фолксваген, агенцискиот модел цели 20 години беше голем успех во флотната продажба“, кажува Мартин Зандер, директор за продажба на Фолксваген. „И дилерите и ние како производител сме задоволни. Поради тоа, јасно е дека сакаме системот да го прошириме во флотната продажба низ цела Европа.“
Производителите планираа преку воведувањето на агенцискиот модел во Европа да ги скусат трошоците во дистрибуцијата и да ја промовираат онлајн продажбата.
Што е всушност агенцискиот модел на продажба?
На традиционалниот начин, дилерите ги купуваат своите возила од производителите и можат слободно да преговараат околу цената со купувачите. Тие воедно ги покриваат и трошоците за маркетингот. За возврат, дилерите постигнуваат поголема заработка од секоја продажба.
Наспроти тоа, во агенцискиот модел, производителите се сопственици на возилата, а купувачите директно ги купуваат возилата од нив. Заработката на дилерите е фиксна, маржата е пониска – но, тие не мораат да трошат на маркетинг и да вложуваат во својата залиха од возила.
Форд и Стелантис се откажаа од агенцискиот начин на продажба
Фолксваген е последниот производител што уште се двоуми околу агенцискиот модел во Европа. Пролетоска, Форд се откажа од планот за агенциска продажба и неговата промена ја одложи најрано за 2026 година.
Стелантис исто така го смени својот пристап околу агенциската продажба, по пробниот период во Австрија, Белгија и Холандија. Планот е системот да се воведува земја по земја, место марка по марка, откако на пробните пазари се појавија ИТ-проблеми.
Проблемите во ИТ исто така ги сменија плановите на БМВ и Мини со воведувањето на агенциската продажба. Мерцедес-Бенц останува на агенциската продажба во Европа, по успешното лансирање во ОК во 2022 година.
Киа, Рено и Тојота немаат намера да се откажуаваат од продажбата преку дилери.
















