за

Dacia со комплетно освежена понуда за новата моделска година

Сите модели на Dacia пристигаат во освежено издание за следната година. Четирите каросериски изведби на Sandero и Logan добија нов изглед, нови светла, повеќе опрема, по старата цена. Најважната промена под хаубата ја носи 1,2-литарскиот бензинец со 75 КС. Теренецот Duster доби менувач со двојна спојка, новитети има и кај Dokker и Lodgy.

Понудата од модели на романската марка можеби е поскромна во споредба со останатите производители, но добро звучи кога некоја марка ќе објави дека комплетно ја освежила својата моделска гама. Комбилимузината Sandero и нејзината кросовер-изведба Sandero Stepway, лимузината Logan и комбито Logan MCV, во новото моделско годиште влегуваат со промени во изгледот, нов мотор и нова опрема.

Dacia Sandero Stepway

Предните и задните светла се редизајнирани, вклучувајќи ги и диодните дневни светла со четири елементи, како нов стилски печат на Dacia. На тоа следува нов дизајн на браникот, со хромирани детали на маската во повисоките нивоа на опрема. Промените се забележуваат најмногу кај Sandero Stepway, чијшто преден го следи стилот на Duster. Не отсуствува ниту хромирана издувна цевка.

Во внатрешноста отсуствува чувството на евтин автомобил од првите генерации

Внатрешноста е освежена со детали со хромиран финиш, нов дизајн на воланот и нови облоги на седиштата. Во зависност од нивото на опрема, Sandero и Logan може да поседуваат и камера за рикверц или помош при поаѓање на нагорнина. Прекинувачите за електриката за прозорците се преместени од средишната конзола во вратите. Повеќе внимание на практичноста е посветено и со неколкуте нови прегради и приклучокот за 12 волти за задната клупа.

Dacia Sandero Stepway

Dacia е прва марка во групацијата што ја вградува атмосферската верзија на SCe 75. Еднолитарскиот бензинец со три цилиндри располага со 75 КС и вртежен момент од 97 њутнметри, во замена за четирицилиндарскиот 1.2 16V. Варијабилната работа на обете брегасти вратила се грижи за штедливост при ниски и средни вртежи, односно за полна испорака на моќност при високи вртежи. Останатите погонски единици во понуда се познатите: Бензинец TCe 90 и два дизела, dCi 75 и dCi 90.

Менувач со двојна спојка како опција за Duster dCi 110 4×2

Уделот на возила со менувач со двојна спојка во последните 12 години е зголемен трипати. Според последните статистики, 18 проценти од новите возила на европскиот пазар поседуваат ваков менувач. Dacia отсега го нуди шестстепениот EDC како опција во верзијата на Duster dCi 110 со погон напред.

До крајот на октомври, Dacia има продадено 477.967 возила на светскиот пазар, што е за шест проценти повеќе отколку во истиот период лани. Дури 27 од вкупно 44 пазари на коишто е присутна марката Dacia (на некои пазари се продава под логото на Renault) забележале рекордни продажби годинава.

[FAG id=26375]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Arteon е новиот знаменосец на Volkswagen на местото на CC

Критична маса в среда има „Визија за Македонија на точак“