за

Dacia на јапонски начин: Евтин кросовер од Datsun

Идејата Dacia да се пробие како евтина марка во Европа беше генијален потег на концернот Renault-Nissan. Со истата идеја сега ќе се освојуваат нови пазари. За таа цел се враќа во живот марката Datsun.

На марката Datsun се сеќаваат малку постарите генерации. Првата асоцијација обично е Datsun 240Z. Но, во последните три децении малку се слушаше за оваа јапонска марка. Причината е во тоа што марката беше преименувана во почетокот на 1980-те години – во Nissan. Уште во 1933 година, Nissan го презеде само три години постариот производител Datsun, за половина век подоцна, шефовите на концернот да решат името Datsun да се напушти и на тој начин да зајакне марката Nissan во новата глобална стратегија.

datsun co-cross concept (2)Datsun заживеа повторно лани, како евтина марка на Nissan. Изработен врз основа на Micra, која што во минатото исто така беше Datsun, моделот Go стартуваше во Индија, по него следуваше миниванот Go+, а во меѓувреме Datsun с присутен и во Индонезија, Русија и Јужна Африка. За само две години, ново-старата марка успеа да продаде 114.000 возила, а 420 дилери на Datsun се грижат да марката да доспее до купувачите.

За време на салонот во Токио во октомври, Datsun прикажа уште еден нов модел, кросоверот Go-Cross. За таа цел, малечкиот ван Go+ беше претворен во кросовер, по примерот на Volkswagen Cross Polo, качен повисоко, со робусни облоги од пластика, видлива заштита на подвозјето и кровни носачи. Во оваа форма, кросоверот би можел да стартува со сериско производство веќе во следната година. Во меѓувреме, шефот Винсент Кобе најави нов модел. Неопходно е марката да лансира нови модели, затоа што шефот на концернот Renault-Nissan, Карлос Гон, планира експанзија и освојување нови пазари, меѓу другото и во африканските земји.

datsun co-cross concept (1)Оваа стратегија на Гон може повторно да се покаже како победничка, затоа што пазарите во Западна Европа, САД, Јапонија и Кореја веќе одамна не бележат толку висок раст во продажбата како порано, а во светот постојат уште многу други региони кои што се гладни за евтини возила. Голема маса народ во овие земји го очекува првиот сопствен автомобил во животот.

Токму од тие причини е мала веројатноста за повторниот старт на Datsun на пазарот во Европа. На шефовите во концернот им е поважно да се освојува остатокот од светот, отколку да им се конкурира на сопствените марки на европскиот пазар. Покрај симпатичниот изглед на Go-Cross, штета е што овој модел не е планиран за тукашниот пазар. Освен тоа, купувачите во Источна Европа гледаат со помалку предрасуди кон марката Datsun, отколку кон романската Dacia. Но, ништо не е конечно во автомобилскиот свет. Доколку пазарот во Европа почне да слабее, можеби ќе се најде простор за уште една евтина марка од концернот Renault-Nissan.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лимузинската изведба на Audi TT ќе дебитира следната недела

General Motors ќе продава кинески Buick во САД