за

Crossland X доаѓа на местото на Opel Mokka

Вановите повеќе не се интересни, пазарот бара кросовери и теренци. Оригинално осмислениот миниван Opel Meriva го препушта местото на Crossland X, модел чијашто техника наскоро ќе ја користи и францускиот партнер Peugeot, за новата генерација на 2008. Наесен и Zafira ќе биде заменета со кросоверот Grandland X, технички близнак на Peugeot 3008.

Пристигаат резултатите од соработката што Opel и Peugeot ја започнаа пред две години. Како прв модел од оваа соработка лани се појави Peugeot 3008, којшто наесен ќе биде придружен со техничкиот близнак Opel Grandland X, во замена за ванот Zafira. Една класа подолу, првиот чекор го прави Opel со Crossland X. Овој кросовер, пак, ја дели платформата со идната генерација на Peugeot 2008.

Кросоверот ќе се нуди само во изведба со преден погон

Opel Crossland X нема аспирации да се пробива по беспаќа, туку настапува како типичен кросовер, со робусен изглед на каросеријата, со пристојна практичност за секојдневието и подобра прегледност поради седењето на повисоко. Со должината од 4,21 метри, Crossland X е за 16 сантиметри покус од Astra, но е за десет сантиметри повисок од компактот, со 1,59 метар. Багажникот стандардно располага со зафатнина од 410 литри и може да се приспособува со поместување на трите лизгачки седишта во вториот ред. Кога назад нема патници и клупата е повлечена во крајната положба, назад останува товарен простор од 520 литри.

Opel Crossland X

Во дизајнот на новиот кросовер се препознаваат стилски детали од Adam, особено во делот на покривот. Носот е вертикално отсечен, со доминантна маска и со препознатлива форма на светлата, коишто со доплата користат диодна техника. Пластичните оплати во долниот дел од каросеријата и на крилата сугерираат изглед на теренец, исто како и имитацијата на заштита на подвозјето во задниот браник.

Арматурната табла е преземена од актуелната Opel Astra

Горната половина од арматурната табла е речиси комплетно преземена од Astra, со познајачни измени единствено во средишната конзола. Централното место во кокпитот му припаѓа на дисплеј на допир од 8 инчи во повисоките нивоа на опрема. Врската со паметен телефон се одвива преку Apple CarPlay или Android Auto.

Opel Crossland X

Opel не ги открива деталите за понудата од мотори, но затоа е познато дека Crossland X ќе се нуди само во изведба со погон на предната оска. Погонот на сите тркала е резервиран за Mokka X. На списокот на дополнителна опрема ќе се најдат проекциски дисплеј и камера за рикверц со приказ во 180 степени, автоматско паркирање, систем за самостојно запирање при опасност, систем за следење лента и препознавање замор на возачот.

Светската премиера ќе се одржи во март, на салонот во Женева. Цените не се познати.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Alpine доаѓа со комплетно алуминиумска конструкција

Како надлежните ќе го „оправдаат“ беспрекорно чистиот воздух утринава?