Големото патешествие со електричната Тојота почна пролетоска со кругот низ цела Македонија во должина од 750 километри. Следеа шарпланинската и домаќинската тура, па четирите часови за сто километри низ град. Нормално е петтата тура како заокружување на потфатот да донесе нешто посебно: Пат до еден од пехчевските водопади, Црндолскиот водопад.
Наесен се патува поради природата. Бои, мириси, плодови, звуци, сé е посебно. Некогаш сите овие есенски обележја ќе се соединат на едно место, за да создадат нешто што не е далеку од спектакл.
Поаѓаме во потрага по есенски спектакл, чудо. Не е наивно патувањето до такво одредиште да се нарече потрага, затоа што тие посебни места се чинат различни при секоја посета. Секогаш има нешто ново да се открие, нешто што било пропуштено, затоа што љубопитноста водела кон нешто друго.
Кон Црндолскиот водопад во Пехчево поаѓаме со намера за уште еднаш да се доживее изненадување – колку тоа и да звучи необично. Патот повеќепати нé однел таму, но патувањето сега има и дополнителен дух. Досега со електричен автомобил немаме возено до водопадите. Тојота Авто Центар што овозможи да се направи оваа серија патувања со целосно елеткричен автомобил, го замени претходниот модел со нов.
Оваа тура првпат ја возиме со врвната моделска изведба во гамата на БиЗиФорКрос, со изведба што се води под името Луксуз Премиум, и го заслужува тоа име со сето право. Место еден електромотор со 150 киловати, односно 204 КС, тука работи по еден електромотор на секоја оска, со вкупно 160 киловати, односно 218 КС.
Првиот модел на Тојота од серијата БиЗи, бијонд-зеро, односно повеќе од нула – затоа што Тојота не ги прави своите елеткрични автомобили да имаат само нулта емисија на штетни материи, туку и при производството и набавката на компоненти исто така се внимава да не ѝ се наштети на животната средина – во оваа изведба е полн со опрема буквално од покрив до под.
Во видеото се прикажани сите разлики што врвната моделска изведба на Тојота БиЗиФорКрос ги има во споредба со претходно возениот модел
Горе е панорамски покрив по целата должина, во седиштата се вградени вентилатори и истите се обложени со материјал што не е природна кожа, а тешко дека некој ќе најде забелешка за тоа, светлата ги сочинуваат по четири диодни модули на секоја страна, што ја менуваат насоката, висината и силината зависно од условите на возење.
Изгледот е уште еден квалитет на БиЗиФорКрос. Уште во почетокот спомнавме дека овој автомобил и без електричниот погон ќе беше нешто посебно на сцената
На ова возење ги изоставивме „телеметриските“ мерења што беа составен дел од сите претходни тури. По близу две илјади километри поминати до електричните Тојоти досега, едноставно се стекнува доверба во податоците за досегот на батеријата и во економичната и предвидлива потрошувачка на електричниот погон.
Ако БиЗи покажува дека во батеријата има енергија за уште 50 километри, а патот до одредиштето е покус, нека бидат ете 40 километри, голема е сигурноста дека со „батеријата“ ќе се извози до крај. Без разлика дали има угорнина – по којашто е нормално дека следи удолнина и БиЗи ќе ја искористи да произведе по некој киловатчас удолу – или има кривулест пат, почнува мрак, треба да се чека во колона, со нормална возачка интелигенција ќе се допатува до каде што се намерило.
Технички податоци, опрема, цени на моделот со којшто патувавме на оваа тура, во нашиот онлајн каталог со сите модели на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Со луксузниот крстосувач што не испушта ниту грам штетни материи, некаде на половината од патот до Пехчево минуваме покрај осумте ветерници кај Богословец, штипско. Таа е природната спрега за којшто светот почна да се освестува во второто десетлетие од 21-от век и којашто веќе почна да станува секојдневие во пошироки размери.
Тукашнава политика е таа што треба да го направи конечниот потег и спрегата вистински да проработи и во нашата најубава Македонија. Сонцето, секако, но не првенствено за колектори врз плодни ниви, водата, божјиот дар на Сината Планета, ветерот. Во земја што не произведува ниту автомобили, ниту во помасовен обем не произведува делови за истите, ниту пак црпи нафта или гас, политиката одамна требаше народот да го освести за тие македонски благодати и да им ги обезбеди.
Значи не е толку бесмислено да се вози елеткричен автомобил. Можеби оваа Тојота не е меѓу најдостапните автомобили на пазарот, затоа што е на исто рамниште со РАВ4, којшто исто така не е автомобил за секого, меѓутоа браншата работи на тоа и купувачите го бараат тоа, да се понудат подостапни електрични автомобили, што навистина ќе можат да го спроведат тоа преоѓање од „политички“ обоена нафта на природна енергија „од дома“.
Тојота БиЗиФорКрос им го разгазува патот на тие идни електрични модели, им го гради имиџот
Патувањето сега се чини уште покусо. За тоа од една страна придонесува природата на самата БиЗи, којашто е удобна, тивка, просторна, осветлена. Од друга страна, тоа е македонската природа во есен.
По близу 160 километри, влез во Пехчево. Дрвото е сеприсутно, почнувајќи уште од името на градот што со врвна занаетчиска умешност е напишано за добредојде на влезот, преку таблите со коишто намерниците јасно се упатуваат кон водопадите, до пехчевските шуми над градот, во коишто почнува да се влегува веќе по стотина метри ако случајно се утне патот. Ова е Малешевијата.
Вкупно има девет водопади, најпознатите: Спиковски, Ж’тачки, Љутачки, Скокото, Црндолски водопад. Од овие силни води потекнува Брегалница, втората најголема река во Македонија
Нашето одредиште е Црндолскиот водопад, којшто се издвојува најмногу по тоа што до него води патека што минува низ предел како од филмска бајка, и поради тоа е најблагодарен за снимање. До таму води тесен, но лесно прооден пат, којшто може да се извози и со градски автомобил. Се вози околу десетина километри и постојано има нешто што го привлекува вниманието, вклучувајќи и насади на лешник и аронија, рибник.
Треба да се смета на целодневен излет, тука не се доаѓа за час или два. Токму пехчевските водопади можат да послужат како добар пример за обезбедување подлога за електричните автомобили. Нив кај нас уште ги нема во толкав број, но воопшто нема да биде лош потег ако вредните градски власти уште сега постават станица со полначи за електрични автомобили.
Тоа ќе привлече туристи и отстрана, а првенствено е одличен потег за нашите возачки и возачи што веќе користат приклучен хибриден или електричен автомобил. Во тие неколку часови, батеријата ќе се наполни. Не треба многу мудрување околу електричниот погон, многу е едноставно.
Страницата со сите досегашни патувања со Тојота БиЗиФорКрос
Во видеото е опфатен целиот пат од паркиралиштето до водопадот, со неколку додадени коментари. Секој збор ќе биде вишок, сé се гледа. Прашањето е, зошто името Црн Дол? Зошто на нашите далечни предци овој крај им се гледал црн? Тука е сé во боја. Постојат стручни лица што сигурно ќе раскажат подробно. Можеби тие вредни луѓе немале време од многу работа да ги препознаат овие убавини, па да им се видат како Убав Дол.
Добро е кога денес можеме и тие неколку часови да ги издвоиме за себе и да ги препознаеме убавините на нашата Македонија.