за

C5 X е ѕвезда на сцената, а како стојат останатите модели на Citroen?

Многу нешта се променија во Citroen, а купувачите го препознаваат тоа и реагираат. Во меѓувреме, Французите ги продаваат добро и електричните модели и моделите од бизнис класата.

Сите промени што се случија во последниве години во Citroen се поврзуваат со две историски големини: Со C4 Cactus и со некогашната шефица Линда Џексон, денес прва дама на Peugeot. Скапиот и престижен C5 X е кулминација, завршна точка на стратегијата што доведе до тоа, на сцената повторно да бидат сервирани оригиналните доблести на марката на Андре Ситроен. Еден кус преглед на тековните продажни успеси на моделите на Citroen.

Тоа што во Citroen најмногу сакаат да го издвојат како успех во првото полугодие од 2022 година е продажбата на C4. Во конкуренција на модели од компакт класата со комбилимузинска форма на каросеријата, или жаргонски, со петта врата, Citroen со својот C4 го има третиот најпродаван модел годинава. Во вкупната продажба во Ц-сегментот, има и модели што се пред францускиот кросовер, како A3 или Octavia, меѓутоа гледано само за соодветната каросериска изведба, на C4 му припаѓа третото место, по Golf и Peugeot 308.

„Четворката“ постигнува најголем успех во Холандија, каде што има удел од 10,1% во сегментот, како трет најпродаван модел што се нуди и со класични мотори и со електромотор. Во Европа, од сите погонски изведби на C4 заедно се продадени над 37.000 примероци до јуни.

Додека Citroen C4 е „само“ трет во Холандија во својот сегмент, неговата електрична изведба e-C4 е прв најпродаван модел од компакт класа со чисто електричен погон во Шпанија, и нормално, во Холандија. Успехот вистински се заокружува кога ќе се дознае дека e-C4 е трет најпродаван електричен компакт во Европа, со највисок удел постигнат во мај, кога на моделот му припаѓале 16,45% од пазарот. Дури една третина од продажбата на целата моделска серија на Citroen C4 во Европа, отпаѓа на електричниот модел e-C4. Тој уште одамна имаше премиера и во Македонија.

Тоа што љубителите на марката ги интересира посебно, секако е пазарниот статус на престижниот C5 X. Статистиката на франциската марка вели дека петметарскиот крстосувач е втор најпродаван автомобил со приклучен хибриден погон во средната класа во Шпанија, и трет е најпродаван во иста конкуренција во Франција. Вкупно од септември лани се примени 7.500 нарачки за новиот модел. Близу две третини од нарачките отпаѓаат на моделот со хибриден погон.

Уште се чекаат првите детални бројки за продажбата на C5 Aircross SUV, којшто во јуни стартуваше со продажба во освеженото моделско годиште, што донесе и нов изглед. Третина од нарачките се однесуваат на хибридниот модел.

Добро врви и бизнисот со доставни возила. Електричниот E-Jumpy е најпродаван модел во сегментот со удел од 2,2 проценти. Тоа му носи на Citroen шесто место во земјата, во конкуренција на доставни возила со ниска или нулта емисија на штетни материи.

Топ-успех на Citroen C3 е првото место во Данска, по што следат и вицешампионските титули во Грција и Португалија. Верно на досегашната шема, Французите неодамна ја лансираа изведба C3 Elle, а има и уште една Rip Curl изведба од C3 Aircross.

Најголем напредок има кај најмалечкиот модел. Citroen Ami во првите мест месеци се продал во 9.368 примероци, што е за 116,8% повеќе од истиот период лани. Тоа е повеќе од двојно зголемување. Ami се распродаде во Турција, во рок од само 25 минути по отворањето на онлајн-нарачките. На минута се продавале по два примерока од електричниот квадрицикл.

Уште еден успех поврзан со минито. Изведбата My Ami Buggy беше понудена во продажба во јуни и ексклузивната серија од 50 примероци се распродаде за само 17 минути и 28 секунди.

И повторно за C5 X, но од еден далечен пазар. По лансирањето на тамошниот пазар, крстосувачот е најпродаван модел на Citroen во Кина. Во меѓувреме, Citroen C5 X дојде на тест возење во Аутомедиа и моделот е една не толку мала сензација.

Студија на Citroën: Децата побрзо заспиваат во електричен автомобил

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Должничкиот рекордер Evergrande произведува електрични автомобили

Porsche 911 Targa 992

VW ја цени вредноста на Porsche на 75 милијарди евра