Citroen C3 најпродаван модел во јануари во Македонија

Интересен, иако и донекаде предвидлив почеток на годината за македонскиот пазар на нови автомобили. Кризата со микрочипови попушта, излегуваат повеќе возила од фабриките, продажбата напредува. Во јануари, во Македонија се продадени 339 нови патнички автомобили и 79 доставни возила. Тоа е голем раст во споредба со лани.

Citroen C3 е најпродаван модел, Skoda е најпродавана марка на македонскиот пазар во почетокот на 2023 година. Моделите во Топ 10, според неофицијални податоци, во основа се поретко или почесто видени во врвнта лига, единствено е сменет редоследот.

Градскиот модел на Citroen, којшто традиционално минува добро на нашиот пазар, уште од времето на Saxo, веќе ја има искусено честа да биде на врвот. Тој ја имаше и честа да ја отвори годинава, со продадени 24 примероци. За цела 2022 година, француската „тројка“ имаше 6-та најдобра продажба.

Второто место на Hyundai Tucson повеќе се должи на испорака што се собирала со месеци наназад, затоа што сестринскиот модел Kia Sportage е тој што го презема владеењето, со постојано висока продажба од месец за месец. Sportage воедно е трет најпродаван модел за 2022 година, по Corolla и „службениот“ Duster.

Kia Sportage не се одвојува премногу од врвот и во јануари 2023, па се најде на 4-то место, со точно дваесет продадени примероци. Според инсајдерски информации, испораката во Киа Македонија во февруари веќе ќе надмине 50 возила, со прилично учество на Kia Stonic, којшто доби залет со моментната акција.

Skoda Kamiq е интересен „новодојденец“, како трет најпродаван модел, со 21 примерок. Toyota Corolla заслужено одмора на 8-то место, по маратонот што се одвиваше во завршницата од минатата година, кога Тојота Авто Центар стартуваше со акцијата, што очигледно мина одлично. Бескласниот компакт е веројатно дека на некој месец ќе си го смени местото со Yaris Cross, што пак зема залет.

Peugeot и Opel недостигаат во статистиката, заради што и во секоја објава на продажбата напоменуваме дека станува збор за неофицијални податоци. Suzuki исто така недостига, иако и јапонската марка редовно постигнува продажби за место во Топ 10.

Во споредба со првиот месец лани, кога биле продадени 227 нови патнички автомобили, годинава пазарот бележи раст од охрабрувачки 49 проценти.

Citroen може да биде и следното големо „изненадување“ во Топ 10, со почетокот на продажбата на кросоверот C4 X.

Најпродавани модели на македонскиот пазар во јануари 2023 година

Citroen C3 24
Hyundai Tucson 22
Skoda Kamiq 21
Kia Sportage 20
Dacia Duster 18
MG ZS 15
Skoda Scala 15
Toyota Corolla 13
Renault Clio 11
Toyota Aygo X 10

Најпродавани марки патнички автомобили во јануари 2023 година во Македонија

(од вкупно 339 возила)

Škoda: 64 возила
Toyota: 45 возила
Kia: 28 возила
Hyundai: 26 возила
Dacia: 25 возила

Најпродавани марки доставни возила во јануари 2023 година во Македонија

(од вкупно 79 возила)

Renault: 16 возила
Volkswagen: 11 возила

 

Претходна објаваTesla ќе гради фабрика во Мексико, водата е голем проблем
Следна објаваИталија сака да се здружи со Франција и Германија против Еуро 7

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here