Колку чини полнењето електричен автомобил, пример Донгфенг Бокс?

Донгфенг Нами Бокс на тестот на Аутомедиа; Тоа е најдостапниот електричен автомобил на домашниот пазар, со цена од 21.900 евра во основната изведба

На македонската автомобилска сцена одвај дека денес нешто се случува околу електромобилноста, односно сé се сведува на упорноста (читај обврската) на увозниците да ги донесат новите модели на електрични автомобили на нашата сцена.

Минаа повеќе од десет години, откако ЕВН постави мрежа од полначи ширум цела Македонија. До скоро, користењето на тие полначи беше бесплатно. Со гарантирано паркирање на вредна локација. Градоналачници паничеа затоа што губат наплата од паркинг место што е резервирано за електрични автомобили, иако местата обично беа зафатени од ајс-ејџ автомобили – затоа и жаргонски се користи кратенката ИЦЕ, од интернал комбашчн енџин, иако симболиката повеќе оди во насока на мраз, на ледена ера.

Практично на секои 60 километри пат или можеби уште десетина километри екстра во некоја страна на светот, следи полнач. Во наша најубава Македонија, десет години наназад. Приближно мина толку време и откако група ентузијасти, а реално врвни експерти за да ја туркаат електромобилноста, ги собираа на едно место сите никулци и правеа достојна смотра на електричниот погон. Тоа беа хероите од Електромобилност.

Денес и нашата „забавена“ сцена е задоена со убедување дека електричните автомобили се многу штетни за животната средина, дека батериите се расипуваат веднаш откако ќе заврши гаранцијата, а некој можеби уште верува дека тие се бавни или не поттикнуваат уживање во возењето. Вистината е дека, ако не сите, тогаш барем 99% од предрасудите околу погонот на струја, имаат политичка заднина. Војни се водат поради нафта, го имаме тој пример и денес. Затоа мора да се оцрни намерата на светот да се ослободи од зависноста од нафта. Покрај тоа, економиите на бројни моќни држави, дури една Германија, поврзани се со производството на мотори со внатрешно согорување, на делови за нив. Затоа и силното опирање, односно оттаму „омразата“ кон електричните возила.

Така доаѓаме и до податокот, што не е ништо помалку од фрапантен по новомакедонски, односно зачудувачки по нашки: 740 денари месечно!

Целото видео од тестот на Донгфенг Нами Бокс

Толку чини користењето електричен автомобил, доколку се поминуваат по 15.000 километри годишно, што е дури и 50% проценти повеќе од ориентацискиот просек за целиот регион. Тоа се 1.250 километри секој месец, односно точно 41 километар секој ден. Примерот важи за Донгфенг Нами Бокс, којшто на завршетокот на зимата беше пристигнат на тест во Аутомедиа

Едно историско поглавје за македонскиот автомобилизам остана незабележано, поради затруеноста на нашата сцена. Кој уште се интересира за електричен автомобил што има целосна искористливост во секојневието и чини колку обичен компакт – и благодарение на е-погонот, патем, просторен е колку компакт – кога имаш Ауди А7 со С-Лајн и натпис кватро, со 189.000 прикажани километри, а реално на две години до отпад, за половина од цената на Донгфенг Нами Бокс?

Тоа кинеско автомобилче на коешто беше навистина тешко да му се најде недостаток со поддршка, воведе ново поглавје на електромобилноста во Македонија, меѓутоа малку од тоа одекна на сцената. Од една страна, тоа се случува поради затруеноста на целата сцена од увозот на користени, та преискористени луксузни автомобили од плацевите од таа страна на Пиринот, а од друга страна поради постојаното девалвирање на „институцијата“ автомобил од страна на некои обиди да се имитираат портали за автомобилизам на македонската сцена – вклучувајќи фалсификувани имиња на некогаш познати магазини за автомобили и јутјуб ѕвезди со 500 гледачи, па автомобилите како тема денес одвај дека можат да допрат до Илинденска број 2 или до Парламентот.

Сите технички податоци околу Донгфенг Бокс во поопремената изведба како на тестот

Dongfeng Box Launch Edition

Но, назад до главната тема. Донгфенг Бокс воведе нов лист со цената од 22.000 евра. Тоа е веќе достапна цена, посебно кога ќе се има предвид дека и некои од најпродаваните нови автомобили на македонскиот пазар зафаќаат повеќе кон 30-ката, отколку кон 20-ката.

На тестот на Аутомедиа, Бокс во просек трошеше 12,23 киловатчасови на сто километри. Досегот во реални услови на возење, што на тестот вклучуваше и искачување по планини и градско возење, изнесуваше 327 километри. Тоа се постигнува со батерија од искористливи 40 киловатчасови, односно 42,3 киловатчасови доколку се земат предвид двата киловатчасови што имаат фунција на пуфер, односно заштита на батеријата од осцилации во напонот при полнење.

Врска до страницата за моделот на увозникот АБЦ Брадер

https://dongfeng.mk/box/

Со просекот од 41 километар на ден, батеријата ќе држи цела седмица, додека човек се реши да ја приклучи повторно да полни – иако повеќето веројатно ќе го оставаат Донгфенг Бокс секогаш да биде на 100% наполнетост. Уште една добра вест: Со сопствениот полнач од 6,6 кВ, Бокс преку ноќ ќе наполни до 100%, на евтина струја, без потреба да се купува и поставува полнач.

За да се поминат 15.000 километри, Донгфенг Бокс ќе потроши 1.834,5 кВч. Месечно, тоа ќе бидат 152,875 кВч. Тоа значи дека во сметката за струја, секој месец ќе бидат пресметани тие 152,875 кВч. Пресметувањето на конечната сума е комплицирано, па затоа како најверодостојна алатка послужи калкулаторот на ЕВН.

Врска до калкулаторот за сметка на струја

https://erc.org.mk/page.aspx?id=478

Во калулаторот се поаѓа со 250 кВч евтина струја и 210 кВч дневна струја. Кога на тоа ќе се додадат 153,875 кВч кај евтината струја, место сметката да биде 3.265 денари, со полнење на Боксот излегуваат 4.005 денари. Разликата е 740 денари!

Толку чини електричниот Бокс. За 1.250 километри месечно, тоа значи цена од 59,2 денари за сто километри. Тоа е исто со 0,828 литар дизел. Со среќа.

 

Претходна објаваЕУ и САД се спогодија за царина од 15 проценти за извозот на автомобили
Следна објаваВито пред 30 години почна да вози за Мерцедес-Бенц

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here