Комбето на Мерцедес-Бенц со филмски славно име се појави пред 30 години, како компактен транспортер за занаетчии, за бизнис и маркети.
Три децении, три генерации и безброј начини на примена на Мерцедесот меѓу компактните доставни возила. Вито се појави во 1995 година и понуди применливост во секојдневието, голема приспособливост и напредна техника.
Возилата од видот на Мерцедес-Бенц Вито се толку присутни во секојдневието, што не ги забележуваме. Вито вози и за занаетчиски работилници и за сервиси и услужни дејсности, но и за полиција и за брза помош. Вито може да вози и сам, а може да биде и дел од големи возни паркови. Бројни работилници се специјализирани за преработка во возило за превоз на храна или пакети.
Од 2018 година се произведува и целосно електрична изведба еВито. Постои уште едно поглавје пред тоа, коешто почнува во 2010 година со Вито Е-Сел. Тој се користеше за собирање искуства и им беше понуден за користење на клиенти од најразлични подрачја.
Вистинската големина на Вито е токму неговата големина, односно компакните мери. Тоа му дозволува да пристапува секаде, и во катни гаражи и во тесни улички. Секое четврто продадено возило на Мерцедес-Бенц Ван е Вито.
Главните историски моменти на Мерцедес-Бенц Вито
1995 година: првата генерација со попречно вградени дизел и бензински мотори
Првата генерација на Мерцедес-Бенц Вито од 1995 година се појави како сосем нов транспортер во класата од 2,6 до 2,8 тони. Со преден погон во тоа време, моделот беше спој на привлечен изглед со компактни димензии и со носивост до 1 тон служеше и за потешки задачи. Вито одговараше и за превоз каде што се бара многу простор, со товарна површина од 3,6 метри квадратни и зафатнина од 5 метри кубни. Со висина од 1,89 метар, Вито може да пристапува и во катни гаражи.
Важна тема уште тогаш беше високата безбедбност, со воздушна перница за возач, независно водење на тркалата и диск сопирачки на сите тркала, со АБС и серво управување.
За погон служеа попречно вградени бензинци и дизели, со ниска потрошувачка и пристојни перформанси. Штедливоста, издржливоста и приспособливоста му донесоа наслов на Ван на 1996 година. Три години подоцна следеше моделско освежување, со зафати во изгледот, нови бои и збогатена опременост. До 2003 година беа продадени 473.000 примероци од првата генерација.
2003 година: втората генерација донесе повеќе комфор и поголема разновидност

Втората генерација беше развиена според сосем различно начело. Погонот беше префрлен назад, што донесе предности во возните својства и во носивоста, којашто порасна на 1.295 килограми. Вито прв во својот сегмент воведе погон на сите тркала.
Моторите станаа посилни, а беа воведени и моќни Ве-6 мотори. Понудата опфаќаше три различни должини на каросерија, две висини, пет мотори и бројни ставки во дополнителната опрема.
Во 2005 година, европското жири повторно го избра Мерцедес-Бенц Вито за Ван на Годината. До 2014 беа продадени близу 750.000 примероци од втората генерација на светскиот пазар.
Во оваа генерација беше воведен и електричниот погон, во Вито Е-Сел, со електромотор од 95 КС. Моделот се произведе во мала серија и постигнуваше досег од 130 километри, користен главно за достава на пратки.
2014 година: третата генерација со нов дизајн и повеќе простор

Третата генерација стана уште повеќестрана, побезбедна и поштедлива. Погонот може да биде напред, назад, на сите тркала. Меѓуоскиното растојание не се промени, но должината порасна за 13 сантиметри, до максимално 5,37 метри. Со тоа се обезбеди повеќе простор, било за патници, било за товар. Носивоста повторно порасна, на 1.369 килограми.
Првпат како големосериски електричен модел, во 2018 година беше понуден еВито. Во оваа генерација имаше новини и во безбедноста, со максимално осум воздушни перници во Вито Турер, но и со помош за компензирање на правец при силен страничен ветер.
Во 2020 година следеше моделско освежување со бројни новини во техниката. Нова генерација мотори ОМ654 донесе пониска потрошувачка и зголемена моќност. Заедно со моторите дојдоа автоматски менувач 9Г-Троник, дигитален ретровизор како опција, радарски темпомат, па дури и пневматска амортизација.
2024 година: Тековната генерација на Вито беше унапредена во насока на конективноста и комфорот, со воведување МБУИКС и функции што стануваат достапни преку доплата.
Системите за асистенција се збогатени со активна асистенција при сопирање пред крстосница и активен систем за задржување во лента. Новина во надворешноста се ЛЕД светла, внатре е новина средишната конзола, вратата на багажникот добива електрична помош. Во понудата од мотори првпат е доведе бензинец со благ хибриден погон.
















