Шефот за трговија на ЕУ предупредува дека воведувањето царини за електричните автомобили во Обединетото Кралство ќе биде во корист единствено за кинеските автомобили.
Kомесарот за трговија на ЕУ, Валдис Домбровскис, вели дека напливот од електрични автомобили од Кина има решавачко влијание во донесувањето на одлуката, дали да се одложи воведувањето царини за електрични автомобили што од ЕУ се извезуваат за Обединетото Кралство и обратно.
Со пост-брегзит договорот, почнувајќи од јануари ќе се наплаќа царина во висина од 10 проценти за сите електрични возила со коишто меѓусебно тргуваат ЕУ и Обединетото Кралство. Електричните возила нема да подлежат на царина, доколку над 45 проценти од вредноста на автомобилот потекнува од еден од двата региони.
Автомобилската индустрија притиска за Унијата да го одложи крајниот рок, наведувајќи дека производителте во моментов ги набавуваат повеќето батерии за електрични возила од Азија. Батериите обично учествуваат со 40 проценти во вредноста на автомобилот.
Со царината ќе поскапат европските електрични автомобили. Тоа ќе ја чини браншата 4,3 милијарди евра, проценуваат експертите. Покрај тоа, Брисел веќе се сомнева дека кинеската автомобилска индустрија има нечесна ценовна предност во споредба со европските производители, благодарение на субвенциите што Кина им ги исплаќа на домашните прозводители, за нивните автомобили да бидат поевтини на извозните пазари.
„Се надеваме дека ќе можеме да ги избегнеме царините“, кажа Валдис Домбровскис во интервјуто за саботното издание на германскиот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. „Доколку ЕУ и Велика Британија сега си воведат царини меѓусебно, тоа нема да ѝ помогне на нашата индустрија – ако некоја страна може воопшто да има корист, тоа ќе биде само Кина.“
Британските и европските производители на автомобили сакаат да го одложат планираниот период за три години, што ќе овозможи во меѓувреме да се развива снабдувањето со батерии во регионот.
Брисел вложуваше големи напори за да избегне менување на текстот на пост-брегзит спогодбата за трговија и соработка, за да не отвора простор да се побараат и други измени.
Домбровскис за германскиот дневник изјави дека постои можност да се избегнат царините за електрични возила „без да се отвора договорот за Брегзит“, но притоа не наведе детали.
Комесарот во почетокот на септември ја посети Кина за да преговара околу проблемите со коишто се соочува трговијата. Тој потврди дека истрагата на ЕУ за субвенциите што Кина им ги исплаќа на домашните производители на електрични автомобили, може да ги опфати и марките како Tesla, чијшто возила исто така ќе подлежат на казнени царини, заради користењето на кинеската помош и извезувањето на возилата во Европа.
„Да гледаме вака на нештата: Не е донесено решение, но процедурата не е ограничена само на кинеските марки“, посочува комесарот. Истрагата се очекува да започне „во следните денови“, најави тој.