За период од една година, системот car2go постигна преку еден милион краткотрајни изнајмувања на возило во трите градови Милано, Рим и Фиренца. Во системот се пријавени преку 130.000 Италијанци.
За car2go имаме објавувано повеќепати, станува збор за систем што овозможува возила да се измајмуваат евтино и флексибилно во период од само неколку минути до повеќе часови или денови. Системот е достапен во 26 метрополи во Европа и Северна Америка, а досега во него се пријавени 800.000 корисници за 11-те илјади smart fortwo – од кои 1.250 имаат погон на струја.
Во просек, возило на car2go во светот се изнајмува на секои 2 секунди!
Од пред една година, заедничкиот проект на smart и на рент-а-кар компанијата Europcar е присутен и во трите италијански градови Милано, Рим и Фиренца. За овој период, Италијанците ги користеле „смартовите“ повеќе од еден милион пати. Овој факт, заедно со бројката од 130.000 пријавени корисници, ја вбројува Италија меѓу најуспешните и најбрзо растечки пазари за флексибилно изнајмување возило во светот.
Корисниците досега поминале повеќе од 6 милиони километри во Милано и Рим со 1.100-те возила на car2go. Просечното времетраење на изнајмувањето во Италија изнесува меѓу 20 и 60 минути, а за тоа време се минува растојание меѓу 5 и 15 километри. Повеќе од една третина од корисниците во Италија се на возраст меѓу 36 и 39 години, а приближно една третина брои и групата на корисници меѓу 26 и 35 години.
Според шефот Томас Берман, „car2go доживува неверојатен бум во Италија. Smart совршено се вклопува во италијанскиот начин на живеење.“ За време на летните одмори е особено привлечна можноста, корисници што се регистрирани во други земји да ги изнајмуваат возилата на car2go надвор од матичната земја. Привлечни се и цените. Користењето на car2go е поевтино од такси, а флексибилноста е речиси идентична. Со користење на мобилна апликација може да се открие каде е најблискиот Smart, којшто потоа се отклучува со членската картичка и на крајот може да се остави бесплатно на секое паркиралиште во градот. На крајот на месецот, корисникот ја плаќа услугата според податоците за измајмување што се регистрирани во картичката.
















