Кинески БИД ќе ја гради својата прва европска фабрика за автомобили во Унгарија

Кинескиот производител на електрични автомобили БИД планира својата прва фабрика во Европа да ја изгради во Унгарија, објави германски Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

БИД донел конечно решение за локацијата за фабриката што ќе ја гради во Европа, за локално да ги произведува своите електрични модели. Веста ја објави германскиот неделник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, повикувајќи се на неименувани извори што се упатени во случувањата во компанијата.

Владин вебсајт во Шензен, каде што е седиштето на БИД, во минатиот месец објави напис, во којшто се наведува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан одржал средба со претседателот на БИД Ванг Чуангфу, при неговата посета на компанијата.

На прашањето од Ројтерс, БИД одговориле дека уште ја бараат вистинската локација и дека конечно ќе решат околу изборот пред завршетокот на годинава.

Унгарската влада не одговори веднаш на барањето од новинската агенција за коментар.

Потпретседателката на БИД, Стела Ли, во февруари кажа дека кинескиот производител на автомобили планира да произведува возила во Европа и дека се вршат истражувања за изводливоста на тие планови.

Пазари за БИД во Европа се Германија, Франција, Обединетото Кралство и скандинавските држави. Компанијата има изградено фабрика за електрични автобуси во Унгарија, којашто беше пуштена во 2016 година.

Во Унгарија произведуваат уште Мерцедес-Бенц, Ауди и Сузуки. Новата фабрика на БМВ во земјата треба да стартува со производство на електричните модели од „ное класе“ во 2025 година.

Претходна објаваПежо има нова агенција, рекламите за Е-3008 ќе бидат сосем различни
Следна објаваИстражување на Фиат: Паралелофобија, страв од паралелно паркирање

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here