за

Бразил се декарбонизира 50 години со примена на етанол место бензин

Toyota потсетува на уште еден делотворен начин за смалување на емисијата на СО2, а тоа е етанолот, што во Бразил половина век се користи како гориво во автомобилите.

Во автомобилската бранша, батерискиот електричен погон се пробива масовно, како начин за смалување на емисијата на СО2, на патот што светските сили и моќните индустрии си го поставија, до 2050 година да се постигне нулта емисија на стакленичкиот гас. Toyota веќе го „јава“ бранот на батериските електрични возила, но јапонскиот гигант пак се залага, светот со повеќе видови горива да се движи кон целта, да се ограничат на климатските промени. Етанолот има голем потенцијал.

Новиот претседател на Toyota Motor, Коџи Сато, на конференцијата за печат што беше одржана во јануари, го објасни концептот што јапонскиот примус го применува во поглед на различните видови горива и постигнувањето карбонска неутралност до 2050 година. Менаџерот тогаш кажа: „Енергијата го сочинува нашиот живот. Toyota мора да создава автомобили имајќи ја предвид енергетската сигурност и да придонесе за создавање на општество што е неутрално во поглед на карбонот.“

Под „енергетска сигурност“, Сато мислеше на тоа дека достапноста на различните видови енергија се разликува ширум светот. Некаде едноставно не е можно да се обезбеди доволна продукција на електрична енергија. Директорот конкретно ја има предвид и Јапонија, островска држава, којашто располага со ограничена територија на копно и не може целото копно да го користи за производство на електрична енергија. Затоа, „ние ќе продолжиме со сите расположливи решенија, без притоа да отстапуваме од нашиот пат за користење повеќе видови погон“, објаснува Сато.

Јасно е дека батерискиот и останатите видови електричен погон, се неутрални во поглед на СО2, само доколку и производството на електричната енергија е карбонски неутрално. Доколку за тоа се користат фосилни горива, користа е мала.

Од друга страна, сиромашните држави не можат да вложуваат масовно во мрежа од полначи за електрични автомобили. Затоа, Toyota во изминатиов период посочува на тоа дека индустријата и политиката треба да се потпрат на повеќе видови гориво. Секако, Toyota гледа поинаку на нештата, затоа што продава возила и во Норвешка или Швајцарија, но и во афричките држави, по целата Земја.

Како пример, јапонскиот гигант посочува на Бразил, како земја што следи свој пат во тој поглед, независно од глобалните трендови и стратегии. Тим од Тојота Тајмс, сопствено гласило на прозиводителот, пропатува половина свет за директно од Бразил да известува за искуствата на земјата со користењето етанол, место бензин.

Видеото што репортерот Јута Томикава го сними во Бразил

Новинарскиот тим од Тојота Сити патуваше цел ден до јужноамериканската држава. Станува збор за 12 часа временска разлика. Во 2022 година, на шестиот најголем пазар за автомобили во светот беа продадени 2,1 милион возила.

Намерниците откако ќе запрат на станица за гориво, ќе забележат дека дополнително им стои на располагање уште еден вид гориво. Покрај бензин или дизел, се точи и етанол.

Бразил е најголем производител на шеќер, но и на биоетанол, што се произведува од шеќерна трска. Во 2022 година биле произведени 31,1 милијарди литри биоетанол.

Бидејќи шеќерната трска го апсорбира СО2 од атмосферскиот воздух, во текот на фотосинтезата, етанолот што се произведува од неа претставува еколошко гориво, што при согорувањето не предизвикува зголемување на емисијата на СО2.

Покрај тоа, етанолот е за 20 до 30 проценти поевтин од бензинот и возачите масовно се решаваат за овој вид гориво.

Секако дека автомобилите мора да се приспособат за етанол. Деведесет и седум проценти од автомобилите што се произведуваат во земјата се флекси-фјул возила, односно можат да користат или 100% бензин или 100% етанол, или која било смеша од нив.

Бразил почна да го користи етанолот во 1973 година, во екот на светската нафтена криза

Во времето на големата криза во 1973 година, Бразил увезуваше 80 проценти од суровата нафта што ѝ беше потребна на земјата. Кога цената на нафтата достигна незамисливи вредности, земјата почна да запаѓа во длабоки долгови.

Властите тогаш решија да ја ослободат земјата од зависноста од увоз на сурова нафта. Меѓу мерките се предвидуваше и помош за индустријата, за развој на автомобили што ќе можат да користат етанол од шеќерна трска. Бразил почна со масовно производство на етанол за своите возила.

Вистиското омасовување се случи со лансирањето на флекси-фјул возилата во 2003 година. Со широка мрежа од станици што точат етанол, со повластици за користење на домашното гориво, пазарот експлодираше.

Според бразилските истражувања, возилата што користат етанол, во 2022 година придонеле емисијата на СО2 да се смали за 41,7 проценти во споредба со 2003 година

Смалувањето на емисијата на СО2 соодвествува на ефектот од 4 милиони посадени дрва.

Во споредба со бензинот, користењето етанол ја смалува емисијата на СО2 за 90 проценти

Toyota почна да продава флекси-фјул возила во Бразил во 2007 година. Инженерите на Toyota во земјата, во 2019 година, во соработка со јапонските колеги, почнаа со развој на мотори со погон на етанол, што ќе се користат во хибридна погонска спрега.

Во 2021 година, во Бразил почна локално да се произведува СУВ-изведбата Corolla Cross, покрај лимузинската изведба на Corolla.

Во споредба со обичен погон, хибридот е за околу 30% поштедлив, но кога ќе се комбинира со биогориво, тогаш емисијата на СО2 се смалува и до 70 проценти.

Под шеќерна трска се 0,8 процент од територијата на Бразил (главно Амазонија) и тоа е сосем доволно за целосно да се покрие побарувачката од етанол на земјата

Во април годинава, Toyota најави дека ќе отпочне со локално производство на нов компактен модел со хибриден погон и етанол како погонско гориво, во фабриката во Сорокаба, во Сао Пауло. Моделот ќе се извезува во 22 држави во Латинска Америка.

Шеќерната трска може да биде корисна и за батериските електрични автомобили да постигнат дополнително смалување на СО2-отпечатокот. Биогасот од трската може да се користи за производство на чиста струја. Уште поповолни се изгледите за добивање водород, како погонско гориво, со користење на биоетанолот.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo од милион евра се распродава една година однапред

Велес-Градско: Патот од 20 километри долг година и кој знае уште колку