Милано има нов модел, Alfa Romeo 33 Stradale, спортско купе што ќе се изработи во ограничена серија и чини преку 1,5 милион евра. Како што е редот, инспирацијата доаѓа од легендарната тркачка 33 Stradale од 1967 година.
Alfa Romeo 33 Stradale го доживеа своето прво појавување пред светот на настан што во средата се одржа во музејот на марката во Арезе, предградие на Милано. Alfa Romeo ќе произведе само 33 примероци од купето. Целата серија беше распродадена уште пред завршетокот на 2022 година, откри производителот. Цената не се спомнува, меѓутоа извори што се блиски до компанијата кажуваат дека купувачите ќе платат меѓу 1,5 и два милиони евра, зависно од посебните барања.
Автомобите ќе се изработат во каросериската работилница Touring Superleggera, којашто е во непосредна близина на музејот на Alfa Romeo. Првиот автомобил ќе биде испорачан на 17-ти декември 2024 година, денот кога се одбележуваат 57 години од историската 33 Stradale.
Секој месец ќе се изработуваат по два до три примероци од Alfa Romeo 33 Stradale
Техниката на 33 Stradale е слична со Maserati MC20, од спортската и луксузна марка на концернот Stellantis, каде што припаѓа и Alfa Romeo. За погон служи 3,0-литарски V6 твин-турбо, со моќност од преку 620 КС. Тоа е усовршена изведба од 2,9-литарскиот V6 што Alfa Romeo го користи во своите модели со врвни перформанси, во лимузината од средна класа Giulia Quadrifoglio и во нејзината СУВ-придружничка Stelvio Quadrifoglio.
Во 2025 година ќе почнат да се испорачуваат и изведбите од Alfa 33 со батериски електричен погон. Моќноста во тој случај ќе надминува 750 КС, а досегот ќе се движи до 450 километри. Уште не е решено колкав удел во серијата ќе има секоја од двете погонски изведби. Извршниот директор Жан Филип Импарато кажа дека повеќето купувачи прво се решиле за изведбата со V6, но потоа го смениле мислењето и се префрлиле на електричната верзија.
Видео · Надворешност во 360 степени, со отворени врати
Уште не е донесено конечно решение околу конфигурацијата на електричната изведба, кажуваат директорите на Alfa Romeo. Таа ќе има два или три електромотори, со погон назад или на сите тркала.
Двете верзии постигнуваат крајна брзина од 333 km/h, а спринтот до темпо сто им трае покусо од три секунди. Постојат два режими на возење, едниот комфорен за секојдневно возење, другиот наменет за возење по тркачка патека.
Видео · Надворешност во 360 степени, со затворени врати
Исто како Maserati MC20, основата на Alfa Romeo 33 Stradale ја сочинува алуминиумска рамка во Н-форма, во комбинација со монокок изработен од карбон. Според Alfa Romeo, конструкцијата се одликува со исклучително ниска тежина и врвна крутост. Со истата цел, покривот е изработен од карбон и алуминиум.
Вратите се преклопуваат нанапред, што според Alfa ги подобрува пристапот и ергономијата. Рамката на прозорците исто така е изработена од карбон, додека задното стакло е од поликарбонат, заради ниска тежина.
Водењето на тркалата со двојни триаголни водилки оди во комбинација со активни амортизери. Носот може да се подигне, за совладување пречка на патот. Карбон-керамичките сопирачки се активираат по пат на кабел, место со хидрауличен вод.
Ексклузивното купе 33 Stradale е прв целосно нов модел на Alfa Romeo, што е дизајниран од новиот шеф Алехандро Месонеро-Романос. Прочуениот дизајнер претходно има работено во Seat и Dacia, а за Милано почна да работи во јуни 2021 година
Alfa Romeo цени дека изгледот на 33 Stradale претставува олицетворение на филозофијата на марката што се води како „неопходна убавина“ и соединува технологија со естетика.
Заводливите форми на предниот дел се својствени за Alfa Romeo, а секако дека мора да има важно место за скудетото, прочуената триаголна маска на Alfa Romeo. Опашот изгледа „брутално“, со тоа што линиите од сите правци се стеснуваат како што се приближуваат кон завршетокот на каросеријата.
Видео · Внатрешност
Коефициентот на отпор на воздух изнесува 0,375 Cd и постигнат е без примена на активни направи од типот на приспособливи спојлери.
За внатрешноста може да се избере изведба Tributo, изработена во чест на историскиот автомобил, со нагласок на кожа и алуминиум, како и поспортска изведба Alfa Corse, каде што главни материјали се карбонот и алкантарата.
Возачкото искуство е „целосно пречистено од сите интеракции што се бараат во обичен автомобил“, кажуваат од Alfa Romeo. Нема копчиња на управувачот, само рачки за менување степен изработени од алуминиум.
Само неколку копчиња има во средишната конзола. По пример на авионски кокпит, повеќето прекинувачи се наоѓаат во средишно поставената плоча на таванот
Alfa Romeo ќе го изработи секој од 33-те примероци посебно според барањата на купувачот. За екстремни желби ќе решава „Комитетот 33“, група шефови од сите одделенија, вклучувајќи го инженерингот, дизајнот и мотоспортот.
„Ова е прв автомобил на марката по 1969 година, што е изработен по посебна нарачка, и ветувам дека тоа нема да биде последниот“, напиша Импарато во соопштението што беше испратено пред премиерата. Тој посочи дека и покрај тоа што има уште 50 клиенти што пројавиле желба да поседуваат „33“, нема да се изработат повеќе од 33 примероци од моделот.
Видео · Дизајнерот има главен збор
Alfa Romeo првпат ја користеше ознаката 33 во средината на 1960-те години, за спортски модел што послужи како основа за тркачки автомобили. Во 1975 и 1977 година, варијанти на Alfa Romeo 33 го освојуваа светското првенство за спортски автомобили.
Моделот наменет за нормален сообраќај беше T33 Stradale, со 2,0-литарски V8 со 230 КС, вграден назад и базиран врз тркачката Alfa 33. По лансирањето во 1967 година, Alfa изработи само 18 примероци од Stradale.
Alfa Romeo Tonale во нашиот онлајн-каталог за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
https://avtosalon.mk/listings/alfa-romeo-tonale-1-6-multijet-tct6-130-super/
















