Автоматскиот менувач е вистински лек за градскиот метеж. Но, комфорот што тој го нуди чини неколку илјади евра. Bosch нуди поевтино решение, кое дополнително заштедува и гориво.
Возењето во сообраќајниот шпиц знае да биде мачно, со постојаното притискање и отпуштање на педалите за спојката, сопирачките, гасот. Новиот систем на Bosch кој се нарекува eClutch овозможува поаѓање при возење во град без потреба од притискање на спојката, со комфор како кај автоматски менувач. Електронски регулираното активирање на спојката ги раздвојува менувачот и моторот секогаш кога возачот ќе го отпушти гасот. Тоа може да се комбинира со функција на гаснење на моторот и така да се заштедат околу десетина проценти од горивото.
Точната цена на eClutch уште не е објавена, но производителот наведува дека таа ќе биде значително поевтина од доплатата за автоматски менувач и со тоа системот на Bosch ќе претставува прифатлива алтернатива во сегментот на градските автомобили. Основната разлика со автоматскиот менувач е во тоа што не се автоматизира менувачот, туку само спојката. При користењето на педалот на спојката се испраќа електричен сигнал до релејот, кој соодветно ја активира спојката.
Покрај симулирањето на поаѓање со автоматски менувач и заштедата во гориво, eClutch поседува и дополнителни функции. Електронската спојка може да се користи како помош при менувањето на степените, односно за спречување на потскокнувањето на возилото при лошо менување. Посебен сензор го регистрира почетокот на секое менување на степен и ги приспособува вртежите на моторот. Резултатот е комфорно и меко менување на степените.
Системот на Bosch има ветувачка иднина со тоа што за прв пат овозможува комбинација на хибриден погон со мануелен менувач. Досега хибридниот погон можеше да се реализира само со автоматик, затоа што со обичен менувач е невозможно да се координираат обата погонски системи, односно моторот и електромоторот. Предностите на eClutch во овој случај: Поаѓање како со автоматик и пониска цена на возилото, затоа што автоматикот повеќе не е неопходен.