за

Bosch има нов систем за штедење гориво

Најголемата трка на производителите моментно е околу потрошувачката. Bosch развива нова техника што се базира на една крајно едноставна идеја: Моторот троши најмалку кога не работи.

Ако моторот изгасне при полна брзина, тоа обично предизвикува паника кај возачот. Но, во иднина, во тој случај возачот ќе може само да се радува затоа што штеди гориво. Bosch разви систем што го гасне моторот при возење, во услови кога возилото може да ја одржува брзината под дејство на инерција. Кога возачот повторно ќе притисне врз гасот или врз сопирачката, моторот стартува повторно. На овој начин би се заштедиле десет проценти гориво. Системот се очекува да созрее до сериско производство во следните две години.

Системот комбинира две техники за штедење гориво, што се користат во денешните возила: Старт-стоп и прекинување на дотокот на гориво при отпуштање на гасот, т.н. едрење. Првиот систем го гасне моторот. Раните системи старт-стоп го гаснеа моторот само при мирување, а новите го прават тоа и при оставање на возилото да се движи под инерција, на пример кога на семафорот свети црвено светло. При „едрењето“, менувачот самостојно се префрлува во празен од, кога возачот ќе го отпушти гасот. Проблемот е што моторот притоа продолжува да работи и со тоа троши гориво. Комбинацијата што сега ја развива Bosch, наречена старт-стоп-едрење, целосно го гасне моторот кога возачот не притиска на гасот или сопирачката.

Тестирањата на Bosch покажаа дека во околу 30 проценти од возењето, силата на моторот воопшто не е потребна. Тоа значи дека во една третина од возењето, возилото може да едри без да троши гориво.

Техниката е применлива кај сите мотори со внатрешно согорување, а Bosch тврди дека цената на дополнителните компоненти е занемарлива. Иновацијата во најголем дел се базира врз проширување на софтверот преку постоечките информации од сензорите.

Најважно е што притоа се задржуваат функциите како сервоподдршката на управувањето и на сопирачките. Со уште една иновација од Bosch, таканаречената Е-спојка, односно електронска спојка, функцијата на едрење се овозможува и кај возила со мануелен менувач. Наскоро системот старт-стоп-едрење ќе стане редовен дел од автомобилите, како што е клима уредот или системот против блокирање на тркалата, сметаат инженерите во Bosch.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Michelin произведе синџири за снег од композитна пластика

Новиот дизел на Honda потроши 3,6 литри во реални услови