Bosch го предупредил Volkswagen за илегалниот софтвер во 2007 година

Германскиот неделник „Билд ам Зонтаг“ открива дека добавувачот Bosch уште во 2007 година го предупредил Volkswagen за илегалноста на користењето на софтвер за лажирање на емисијата на возилата од сериско производство.

Уште во 2007 година големиот добавувач на автомобилската индустрија и производител на контролниот електронски модул во возилата на Volkswagen го предупредил автомобилскиот гигант од Волфсбург дека е илегално во возилата од сериското производство да се користи софтвер за манипулација со издувните гасови. Еден од водечките инженери на Volkswagen во 2011 година исто така го предупредил својот работодавач за илегалното прикажување дозволени вредности на штетни гасови – пишува Франкфуртер Алгемане Цајтунг во денешното издание.

Според Bosch, софтверот му бил испорачан на Volkswagen заради тестирање во возилата, но истиот недозволено завршил во возилата од сериското производство. Најголемиот добавувач на автоиндустријата на глобално ниво тогаш реагирал до Volkswagen во врска со незаконитоста на примената на софтверот. Репутацијата на Bosch исто така е под знак на прашање во екот на скандалот во Volkswagen.

Целта на измамата била заштеда од 300 евра по возила

Кризата влече корени уште од 2005 година кога новиот шеф на марката Volkswagen, Волфганг Бернхард, побарал развој на дизел мотор наменет за пазарот во САД. Бернхард тогаш го ангажирал инженерот Рудолф Кребс од Audi, кој развил прототип чии што резултати се покажале одлични на тестирањата во Јужна Африка во 2006 година. Меѓу првиот човек на марката и инженерот се водела расправија околу примената на раствор од уреа AdBlue во системот за напојување со гориво, по пример на дизел моторите во поголемите модели Passat и Touareg.

Меѓутоа, оваа модификација би предизвикала дополнителен трошок од околу 300 евра по возило, што очигледно било премногу за финансиските експерти во Volkswagen. Бернхард го напушти Volkswagen во почетокот на 2007 година, пред дизел моторот да стартува во производство, додека Кребс бил преместен на друга позиција по пристигањето на Мартин Винтеркорн како нов шеф на концернот во истата година.

Винтеркорн, доаѓајќи од позицијата на шеф на Audi, побарал од шефот за развој во неговата стара марка Улрих Хакенберг и од главниот инженер за мотори Волфганг Хац да се преселат во седиштето на Volkswagen во Волфсбург и да продолжат со развојот на моторот. На крај, моторот завршил во возилата со манипулиран софтвер за лажирање на строгите тестови за емисија на штетни гасови во САД.

Volkswagen призна дека во светот постојат 11 милиони мотори со проблематичниот софтвер. Хакенберг и Хац негираат дека биле запознаени со илегалните активности и ослободени се од одговорност.

Претходна објаваОвој Land Rover Defender некогаш го возеше Боб Марли
Следна објаваИлон Маск предвидува 1200 km досег на електромобилите до 2020 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here