BMW знае кога се вклучува зеленото светло на семафорот

BMW планира да стане прв производител што преку поврзување со централата ќе добива сообраќајни информации во реално време, вклучувајќи и одбројување до вклучувањето на зеленото светло.

Марката BMW е на пат да стане прв производител на автомобили што конечно ќе му овозможи на светот да ужива во „зелениот бран“. Посебна мобилна апликација за iOS, преку поврзување со централата на BMW Connected Drive, ќе биде во состојба да ги прикажува сообраќајните информации на дисплејот во возилото во реално време. Стартот е во САД. Апликацијата го прикажува актуелниот статус на семафорот долго пред возилото да се приблиќи до него и го одбројува времето до вклучување на зеленото светло.

На тој начин, преку актуелната положба на возилото, како и моменталната брзина, апликацијата го советува возачот да продолжи со истото темпо, да забрза во рамките на дозволената брзина, или пак, да подзабави додека не светне зелено. И да запре, секако. Возачот добива и звучни сигнали. Апликацијата го зема во предвид и вклучувањето на трепкачите, за да го следи соодветниот семафор.

Во моментов системот работи само во американските градови Портланд и Солт Лејк Сити 

За системот да функционира, сепак е неопходно градот да има инфраструктура со интегрирана мрежа од интелигентна сообраќајна сигнализација. Тоа моментно е случај само во американските градови Портланд и Солт Лејк Сити, со над 2.000 семафори. Наскоро ќе следат и другите градови.

Апликацијата е развиена по нарачка на групацијата BMW и ја користи сопствената технологија A4A (Apps for Automotive) на BMW. Истата е достапна за симнување во Apple App Store.

Паметниот телефон едноставно се поврзува со автомобилот преку USB или адаптер Snap-In, се стартува апликацијата и на возачот му се прикажуваат најразлични функции преку контролерот iDrive, контролниот дисплеј и озвучувањето во кабината. Дополнителен услов е за возилото да се нарача опцијата за BMW Connected Drive Services.

Претходна објаваКлавир-мајстори на Yamaha работат за ентериерот на Lexus RX
Следна објаваKia или Hyundai: Која корејска марка Европа ја сака повеќе?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here