Суперспортското купе на Баварците ќе стартува со продажба на германскиот пазар во јуни, со цена од 106.000 евра, без ДДВ. Има и пакет дополнителна опрема што чини колку Golf.
„Најпрогресивниот спортски автомобил на денешницата“, како што BMW го нарекува својот хибриден i8, ќе влезе во сериско производство веќе во текот на април, а првите испораки може да се очекуваат веќе во јуни. Баварците веќе го објавија и деталниот ценовник за големиот брат на i3. Основната верзија во Германија чини 105.882 евра без ДДВ, додека за изведбата со суперлуксузниот пакет Pure Impulse се потребни уште 16.000 евра, и тоа без ДДВ.
Далечинско вклучување на климата преку мобилен
Купето со крилести врати и покрив од карбон со видлива структура, во серискиот пакет, меѓу „стандардните“ ставки за врвот во браншата, поседува приспособлива амортизација, централно ракување преку iDrive со сензорска површина по која што може да се пишува со прст, посебна мобилна апликација за далечинско вклучување на климата, проверка на наполнетоста на батериите и анализа на податоците од возењето, како и пристап на интернет.
Комплетен пакет опрема се добива за 19.000 евра
За уште повпечатлив стил во кабината може да се избере еден од пакетите Neso, Carpo или Halo, со посебно ускладени бои и материјали, со цена од 2.700 евра. Кој не сака да се мачи и да штиклира во ценовникот на 44 страници, може уште од старт да го избере пакетот Pure Impulse, со перфорирана кожа на седиштата и двојни штепови, кожа на арматурната табла и во вратите и металик лак на таблата, заедно со диодни предни светла, систем од камери за виртуелен приказ на возилото озгора, проекциски дисплеј, озвучување Harman Kardon, аларм, поголем резервоар за гориво, кожа на капакот на моторот, глава на рачка на менувач од керамика или патосници со кедар од кожа. Цената: 19.000 евра со германскиот ДДВ од 19 %.
Ексклузивен третман за членовите на i Pure Impulse
Со ексклузивниот пакет следува и ексклузивна членска картичка. Со BMW i Pure Impulse Card се добива пристап на посебни настани, можност за посета на врвен еко-ресорт или вечера во врвен ресторан со авангарден дизајнерски концепт. Дополнително, членовите на клубот i Pure Impulse добиваат и ексклузивен магазин, со најновите светски трендови.
За полнење на батериите треба да се купи и домашен полнач за 895 евра, плус кабел за брзо полнење од 199 евра. BMW нуди и договор за користење струја од партнерот Naturstrom AG, кој ја произведува струјата од обновливи извори, главно од ветерни електрани и хидроцентрали. Договорот гарантира цена од 26,95 евроценти за киловатчас до 31.12.2014, како и основна месечна претплата од 7,95 евра.
Пакет за одржување на возилото за 246 евра годишно
За редовното одржување на возилото може да се купи пакет BMW i Service Inclusive Plus, со фиксна цена за замена и дотурање мјоторно масло, замена на филтри, свеќички и течност за сопирачки, проверка на возилото, како и замена на сопирачките облоги и дискови и на метличките на бришачите. Интересна е цената за Германците: Доколку сопственикот на i8 избере пакет за 5 години и 60.000 километри, цената на сервисирањето изнесува 1.230 евра, односно точно 246 евра годишно. Тоа е помалку отколку што чини одржување на обичен компакт.
Електромотор за предните тркала, бензинец за задните
Погонот на BMW i8 се состои од електромотор со моќност од 75 киловати и вртежен момент од 250 њутнметри, со краткотрајна моќ од 96 киловати, потоа бензински мотор од 1,5 литар со три цилиндри и моќност од 170 КС и 320 њутнметри, и секако, 96 батериски ќелии со бруто енергиски капацитет од 7,1 киловатчасови. Електромоторот на предната оска е комбиниран со двостепен автоматски менувач, додека за бензинецот за задната оска се користи 6-степен автоматски Steptronic. Примената на карбон за каросеријата овозможи тежината на празно возило да изнесува само 1,5 тон – покрај батериите, тоа е врвна вредност.
Со системска моќност од 362 КС и полни батерии, купето спринтува до сто за 4,4 секунди и постигнува 250 km/h, а за првите сто километри ќе потроши само 2,1 литри гориво. Досегот со погон само на струја изнесува до 37 километри, по што мора да се полнат батериите во траење од два часа.





























