BMW X4: Одметникот од салонот во Женева

Не може да се бара разбирање за сите работи. Салонот во Женева е во полн ек, а BMW го претставува X4, но тоа сепак не се случува на најважниот салон во Европа.

Баварците се во моделска офанзива. Компактниот теренец доживеа фејслифт. Тоа е детска игра за популарниот модел. На пазарот е пуштен и Gran Coupe од серијата 4. Нема проблем, никој не се интересира за него. Претставен е и Active Tourer од серијата 2. Тоа беше задача што мораше да се исполни, заради привлекување на кругот на купувачи кои досега не се интересираа за BMW. Ванот инаку има преден погон. Ниту малечката марка Mini не се остави да мирува. Кај неа се случија премиери на новата генерација на Mini со кодна ознака F56, како и на концептниот автомобил Clubman, кој и самиот е готов да почне со продажба, се чека само датум. Сето тоа се случи во само неколку недели. И сега доаѓа ред за уште една премиера, за X4.

Не беше тајна дека малечкиот брат на X6 ќе се појави. Но, никој не очекуваше дека тоа ќе се случи толку брзо. Да биде забуната уште поголема, X4 треба да го привлече вниманието на јавноста, а притоа воопшто и не се појавува на местото каде што е собрано грото од народот, на салонот во Женева. На Баварците очигледно им е сеедно, свесни се за големата предност над конкуренцијата.

Техниката на BMW X4 потекнува од штотуку освежениот X3, но во основата тој сепак е X6. Последново се однесува првенствено на изгледот. Ќе има забуна на улиците, кога на нив ќе се појави X4, покрај поголемиот брат X6, особено ако има од големите гуми. Од друга страна е сигурно дека тие што ќе го купуваат ќе му монтираат големи гуми. X4 е долг 4,67 метри, наспроти 4,88-те метри на X6, а висок е 1,62 метар (Х6: 1,67 метар). Тоа е голем формат за автомобил што изгледа како купе. Во багажникот собира меѓу 500 и 1.400 литри, а ако купувачот посака и доплати за тоа, задниот капак може да се отвора и со електромотор.

Под ламарината работи техника од X3. Тоа значи дека има дволитарски бензинци со 184 и 245 КС, како и трилитарец со 306 КС. Дволитарскиот дизел има 190 КС, а трилитарскиот 258 или 313 КС. Последниов фрла 630 њутнметри од коленастото вратило и во исто време бара само 5,4 литри дизел на сто километри.

Претходна објаваLexus RC F: BMW M и Mercedes AMG одненадеж стануваат здодевни
Следна објаваFiat ќе ги спасува италијанските фабрики со пет нови модели

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here