за

Зошто BMW го сака водородот, за разлика од конкуренцијата

Шефот на BMW се залага за водородот и со тоа поттикна нова дебата во браншата. Зошто овој вид гориво толку ѝ значи на баварската марка?

Додека речиси сите европски производители уште одамна се изјаснија дека во батерискиот електричен погон ја гледаат иднината на автомобилите, BMW останува отворен и за други технологии. Тоа важи најмногу за водородот.

Баварците сакаат да продолжат со производство на автомобили со мотор со внатрешно согорување и истражуваат со водородот како енергенс. Шефот на концернот, Оливер Ципсе, при секоја можност ја нагласува оваа стратегија. Така беше и во минатиот четврток, кога првиот човек на BMW зборуваше на медиумска конференција во Минхен.

Главниот носител на проектот е BMW iX5 Hydrogen. Изведбата на X5 со водороден погон почна да се произведува во Спартанбург/САД (шасијата) и во Гархинг, Германија (погонската спрега). Од следната година, возен парк од 100 автомобили ќе биде пуштен на пробно возење ширум светот. Целта на BMW е уште во текот на деценијава да се понуди автомобил од сериско производство со водороден погон со горивна ќелија.

BMW во тоа се разликува многу од германската конкуренција во премиум сегментот. Audi и Mercedes-Benz целосно се префрлуваат на батерија како носител на енергија. Во одделението за развој на водородниот погон во BMW ценат дека одреден вид енергија треба да се понуди таму каде што таа енергија стои на располагање и каде што постои инфраструктура за таа енергија.

Баварците уште пред 10 години понудија во продажба батериски електрични возила и се мошне успешни. Во среден рок се планира, покрај батериските електрични модели да се нудат и модели со водороден погон, „затоа што гледаме дека постојат клиенти, што попрво ќе ги освоиме со вородод, отколку со батериски електрични возила“, кажуваат од Минхен.

На купувачите што се интересираат за водородниот погон ќе им се понуди iX5 Hydrogen, со системска моќност од 275 kW (374 КС) и со два резервоари, со вкупно шест литри водород. Горивните ќелии за погонската спрега пристигаат од Toyota. Двете компании соработуваат во водородната технологија уште од 2013 година.

Шефот за развој на водородниот погон, Јирген Гулднер, гледа огромен потенцијал за водородот да се користи како енергенс. „Ако го гледаме целиот животен циклус на еден автомобил, почнувајќи од суровините што се неопходни за производството, а посебно суровините за батериите, како и енергијата што е потребна за рециклирање, сметката излегува сосем различно. Во тој случај, енергетската ефикасност на двете технологии се разликува само за десет до 20 проценти – зависно од студијата и условите.“

Тоа значи: Поради комплицираното производство на батерии за електрични автомобили и суровините што се потребни за нив, енергетската ефикасност на едно возило оди во корист на водородот. На прв поглед би можело да се заклучи поинаку.

Главниот интерес е насочен кон Јапонија и Јужна Кореја

„Разликата е многу јасна, ако за производство на едно возило за коешто се потребни помалку ресурси, потрошам помалку енергија, тоа значи дека на крајот и рециклирањето ќе биде поедноставно“, објаснува Гулднер. BMW сака овој потенцијал да го искористи првенствено на пазарите што не можат да постигнат целосно да се снабдуваат со обновлива енергија и на коишто водородот им е неопходен како зелен енергенс.

Јапонија, на пример, не може едноставно да постави водови за електрична енергија над или низ океаните, за да ги покрие своите енормни потреби од енергија. Така BMW добива големи шанси за својот iX5 Hydrogen. Во моментов во премиум сегментот одвај дека постои друг проиводител што нуди водороден погон. Шефот за водород кажува: „Мислиме на држави како Јапонија или Јужна Кореја, коишто многу рано го препознаа значењето на водородот за енергетската пресвртница. Двете земји би морале да увезуваат енергија. Енергетската пресвртница може да се постигне само со водородот.“

Во временскиот распоред на BMW, прво ќе се чека да заврши тестирањето со пробните примероци од iX5 Hydrogen, а потоа ќе се подготвува производството. Баварците ценат дека максимално 70 до 80 проценти од пазарот може да се покријат со батериски електрични возила. За преостанатите 20 до 30 проценти, во следните години ќе има соодветна понуда во BMW. Директорот на концернот, Оливер Ципсе, објаснува: „Водородот е последното парче во сложувалката на патот кон иднината што е неутрална за климата.“

Во следните години, премиум возило со водороден погон ќе нуди само BMW. Конкурентот Audi, во 2014 година пушти претсерија од A7 h-tron Quattro, но ги напушти плановите за таков модел да се најде во сериско производство. Во Audi вака гледаат на водородот: „Потребна ви е огромна количина зелена струја, што ќе ја претворите во водород, за потоа од него во автомобилот повторно да направите зелена струја и да ја претворите во движечка енергија. Тоа за мене како инженер е апсурд“, објаснува Маркус Дисман, прв човек за развојот на техника во Audi и во целиот концерн VW.

Mercedes GLC F-Cell

Слично е расположението во Штутгарт, иако таму ставот не им е толку категорично против водородот. Шефот на Mercedes-Benz, Ола Келениус, уште лани изјави дека „во следните десет години ќе се посветиме на батеријата“. Марката со сребрената ѕвезда исто така стекна искуства со водородниот погон, во GLC F-Cell, од кого што изработија и мала серија, пред завршетокот на 2018 година. Водородниот GLC во меѓувреме си замина од понудата на Mercedes-Benz.

Како единствено возило со водороден погон, што наидува на забележлив пазарен успех, останува Toyota Mirai. Јапонците досега имаат продадено десетици илјади примероци од својата лимузина што испушта само чиста пареа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes CLA: Освежување за најпродаваното купе со ѕвезда

По гаснењето на Fiesta и Focus, Ford отпушта илјадници во Европа