Во фабриката на BMW во Лајпцих започна производството на првата генерација на Gran Coupe од серијата 2. Тоа е деветти модел на баварската марка што се произведува во оваа фабрика.
Во фабриката на групацијата BMW во Лајпцих започна сериското производство на Gran Coupe од серијата 2 на BMW. Тоа е деветти модел од тековната понуда на марката што се произведува во оваа фабрика. Во јули во фабриката во германската покраина Саксонија започна и производството на новата серија 1. Купе-лимузината тука ќе се произедува за целиот светски пазар.
Лајпцих станува стратешки центар за моделите од основните серии на BMW, кои воедно носат и голем поттик за вкупната продажба на марката. При тековна продукција од 1.000 возила дневно, паралелно се одвива и инвестицијата вредна 300 милиони евра. Се вложува во проширување на лакирницата и примена на постапка IPP (Integrated Paint Process) со цел да се заштедат ресурси. Воедно се прошируваат и погонот за пресување, каросериското одделение, завршната монтажа и логистиката. Овие проширувања меѓу другото се неопходни и заради новите системи за конективност што се вградуваат во возилата на BMW.
Испораките на BMW Gran Coupe од серијата 2 започнуваат напролет
Испораките на BMW Gran Coupe од серијата 2 ќе стартуваат напролет, со понуда од три погонски единици, односно еден дизел и два бензинци. Во текот на годината ќе се воведат и останатите предвидени мотори. Може да се избере и изведба со погон на сите тркала xDrive.
Покрај серијата 1 и Gran Coupe од серијата 2, тука се изработуваат уште купето и кабриолетот од „двојката“, BMW M2 Competition, BMW Active Tourer и Active Tourer Plug-In-Hybrid од серијата 2. Дополнително се произведуваат и спортскиот хибрид BMW i8, во купе и родстер изведба, исто како и BMW i3.