Минхен во 2025 година стартува со воведување на новата генерација електрични автомобили, што произлегуваат од „Neue Klasse“. Промени ќе има и во номенклатурата на моделите на BMW. Тоа го објави британскиот магазин „Car“, повикувајќи се на неименувани инсајдери и на поднесени барања за патентирање на новите ознаки.
Ознаките на клучните моделски серии се менуваат незначително. Наспроти тоа, купувачите на СУВ-моделите на BMW ќе мораат да ги разберат сосем новите моделски ознаки.
Магазинот „Car“ пишува дека промените се поттикнати како дел од планот на BMW, во иднина да продолжи да нуди различни погонски изведби од своите моделски серии.
Првата моделска серија од генерацијата „Neue Klasse“, што стартува со продажба, ќе го замени X3 и ќе носи сосем нови ознаки. Изведбите на моделот со мотор со внатрешно согорување ќе носат ознаки како X320 или X330, додека целосно електричната изведба што сега ја носи ознаката iX3, во иднина ќе биде iX330, iX340, iX350 итн.
Бензинците на BMW во иднина повеќе нема да имаат „i“ во ознаката?
Историската буква „i“ во ознаката на моделите со бензински мотор, што почна да се користи пред неколку децении, за да се издвојат моделите со впрскување на горивото, место со карбуратор, во иднина повеќе нема да биде дел од ознаката. Место тоа, овие модели на BMW ќе имаат соодветна бројчена ознака.
Според тоа, посетителите во салон на BMW, почнувајќи од 2025 година, таму ќе наидат на модели со ознака 320, 330 или 340. Истото важи и за моделските серии 5 и 7. Кај нив соодветно ќе се користат ознаки 530, 550, 740 или 760.
Електричните лимузини ќе ја добијат буквата „i“, односно ќе бидат означени i330 или i550. Неодамна стартуваната нова генерација на серијата 5, во целосно електричната изведба ја носи ознаката i5.
Од BMW уште нема потврда околу преоѓањето на новиот начин на означување на моделите, меѓутоа е сосем извесно дека се работи за повеќе од шпекулација.