за

BMW M4 Cabrio: За купувачи на коишто и кабриолетот им е „обичен“

Баварците штотуку почнаа да го продаваат кабриолетот од серијата 4, а веќе доаѓа лутата верзија со знакот на М GmbH. Уживањето на отворено ќе биде достапно од септември.

Семејството од модели на BMW со полна ергела од расни коњски сили под хаубата во септември ќе се збогати со верзијата М на кабриолетот од новата серија 4. Додека претходникот уште се продаваше како M3 Cabrio, новото издание префрлува за една бројка повисоко, по пример на купето M4.

За брзи спринтови се грижи линискиот шестцилиндарец со двојно турбонатполнење и 431 КС којшто ни е познат од другите модели во семејството М3/М4. Ценовникот за германскиот пазар почнува од 78.200 евра, што е 6.000 евра над купето М4 и 700 евра над лимузината М3. Кабриолетот ќе има светска премиера на салонот во Њујорк што почнува на 18-ти април.

Во изгледот нема изненадувања. Дизајнот со раширени крила, надувана хауба и надворешни ретровизори со два држачи е преземен од лимузината М3 и купето М4. Триделниот метален покрив потекнува од штотуку претставениот кабриолет од серијата 4, се отвора за 20 секунди, а може и во движење, со брзина до 18 km/h.

Како што е вообичаено за кабриолетите, техниката за склопување на покривот и дополнителните скрутувања на каросеријата ја зголемуваат тежината значително над купето. Поради тоа, кабриолетот е дури 255 килограми потежок, односно покажува 1.825 килограми на вага. Тоа се сепак 60 килограми помалку во споредба со претходникот, што меѓу другото е постигнато со обемна примена на карбон во подвозјето.

Моторот и без тоа не ја чувствува дополнителната тежина. Трилитарскиот мотор со шест цилиндри го послужува максималниот вртежен момент од 550 њутнметри уште при 1.850 вртежи, а граничникот се вклучува мошне доцна, на 7.600 вртежи. Моќта се пренесува на задната оска преку мануелен менувач со шест степени или седумстепен менувач со двојна спојка, што се нуди со доплата.

Темпо 100 паѓа по само 4,4 секунди, а крајната брзина е ограничена џентлменски на 250 километри на час. За потрошувачката се наведуваат 9,1 литри со мануелен менувач, односно 0,4 литар помалку со менувачот со двојна спојка.

Во сериската опрема спаѓаат активен диференцијал на задната оска, алу-бандажи од 18 инчи и издувен систем со модулирање на звукот. Со доплата се достапни истите опции од списокот на опрема на стандардниот кабриолет, почнувајќи од вентилатори за топол воздух околу вратот, до подвозје што се приспособува според желбите на возачот.

Отворениот М4 е за добри 2.500 евра поскап од претходникот, соодветно на повисокиот статус што го донесе преоѓањето на поголемата бројка, од 3 на 4. Многумина се прашуваат дали со кабриолетот ќе заврши комплетирањето на понудата на модели во семејството М3/М4 или можеби ќе следува верзија М и од купе-лимузината Gran Coupe од серијата 4. Тоа не би требало да претставува технички проблем, но BMW веројатно ќе го одложи пакетот M за Gran Coupe, заради почит кон лимузината М3 што сепак има подолга традиција.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Citroen подготвува модел со 300 КС за Кинезите

Nissan е новиот главен спонзор на Лигата на шампиони