за

BMW M3 • Беснотилак сокриен во цивилен костум

Единаесет коњски сили и 150 њутнметри се утехата за двата цилиндра што новиот M3 ги изгуби во однос на претходникот. Но, новиот М3 има уште многу други бројки во плус.

Кај овој автомобил се зборува само во бројки. Во петтата генерација на BMW M3, бројките се 431 КС и 550 њутнметри. За разлика од претходникот, кој моќта ја црпеше од осум цилиндри во V, новакот има на располагање два цилиндра помалку во линиска конфигурација. Тоа што не се промени е концептот на високи вртежи. Трилитарецот во најдобрата традиција на M GmbH се врти до 7.600 вртежи – иако за прв пат моторот користи два турбополнача што работат паралелно.

Вообичаено за турбомоторите, максималната моќност од 431 КС се испорачува континуирано во подрачјето меѓу 5.400 и 7.000 вртежи, додека дијаграмот на вртежниот момент покажува рамна линија од 1.800 до 5.400 вртежи и вредност од 550 њутнметри. За сé да работи подмачкано во моторот дури и во услови кога возачот го испробува крајното странично забрзување што може да го издржи подвозјето, се користи т.н. сув картер, со корито што е изработено од лесен магнезиум. Користа од сувиот картер важи и при надолжното забрзување: 4,1 секунди до сто, кога M3 вози со опционалниот седумстепен менувач со двојна спојка. Стандардно, тркачката лимузина вози со шестстепен мануелен менувач.

Со внимавање на секој грам, техничарите на BMW успеаја да ја доведат тежината на новиот М3 на 1.520 килограми. За прв пат лимузината има покрив изработен од карбон, којшто кај претходникот беше резервиран за купето. Менувачката кутија, вклучувајќи ја дволамелната спојка на DKG, тежи дванаесет килограми помалку. Хаубата со впечатливата грпка е од алуминиум, додека попречната шипка меѓу амортизерите е изработена од пластика зајакната со карбон и тежи само 1,5 килограм, но се одликува со цврстина каква што не може да се постигне со алуминумска легура.

Покрај олеснувањето на каросеријата, за тркачката динамика на лимузината се грижи и аеродинамиката. Традиционалните жабри зад предните тркала го намалуваат врложењето од предните крила, а подот е рамен по целата површина. На задниот капак е поставен мини спојлер, за максимален потисок при минимален отпор на воздух.

Со менувачот со двојна спојка се добива можност за спектакуларно горење на задните гуми – тоа е новата функција наречена Smokey-Burnout. Покрај Launch-Control, за безгрешно забрзување од место и постигнување на фабрички декларираните 4,1 секунди до сто, на возачот му стои на располагање и можност преку трите програми Комфорт, Спорт и Спорт+ да ја избира реакцијата на управувањето и на подвозјето.

Новиот М3 вози со ковани бандажи од 18 инчи, со гуми со димензија 255 напред и 275 назад. Ако зад бандажите се наѕираат сопирачки клешти во златна боја, тоа значи дека возилото е дополнително опремено со BMW M карбон-керамички сопирачки. Правото на сопственост над овој тркач во цивилен костум се стекнува за нешто повеќе од 70.000 евра. Официјалната премиера на новиот M3 и на неговиот купеовски пандан M4 е на салонот во Детроит, во јануари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот дизел на Honda потроши 3,6 литри во реални услови

Новата класа Е на Mercedes раскрстува со традицијата