Автомобилот на BMW што во моментов најмногу ги одушевува ентузијастите на марката и ги заплашува конкурентите не е ниту M4 GTS со 500 КС, ниту новата серија 7, туку е M2. И бројката е погодена.
Може разочарувањето веднаш? Овој не толку голем автомобил, што не е ниту M3, на излез од фабрика чини 47.647,06 евра. Без ДДВ, акциза, царина, без какви било давачки. Со сите нив, M2 би чинел околу 63.000 евра што е многу повеќе отколку за Mercedes-AMG A45 со 52.460 евра или за Audi RS3. Но, ентузијастите на марката знаат дека тоа не може да биде разочарување, затоа што со BMW M2 пристига уште еден легален наследник на 2002 turbo, кој остана како една од најголемите автомобилски легенди, откако нафтената криза во 1970-те години оневозможи тој да се распространи во многу поголема серија.
Суперпопуларниот претходник BMW 1 M Coupe исто така имаше основа да се повика на историското наследство на 2002 turbo, но разликата е во тоа што овојпат и бројката е погодена. Ниту впрскувањето вода во моторот на BMW M4 GTS со неговите 500 КС во моментов не е толку спектакуларно колку дебелите бандажи, испакнатите крила и огромното уживање зад воланот што го навестува овој BMW M2 Coupe.
Плус 30 КС во споредба со 1 M Coupe
Трилитарецот со шест цилиндри во линија и со турбонатополнење ослободува 370 КС и вртежен момент што е способен да го свитка асфалтот под гумите, со вредност од 465 њутнметри, а краткотрајно и 500 њутнметри. Додека правнуците на BMW 2002 turbo – првата серија на M3 од генерацијата Е30 или последниот 1 M Coupe – беа достапни само со мануелен менувач, кај M2 има повеќе варијации на таа тема. Кој сака, може да доплати за седумстепен менувач со двојна спојка.

Пуристите нема да бидат одушевени од тоа, но пазарот вели дека таа опција сепак е потребна да се излезе во пресрет на барањата на купувачите. Многумина ќе се запалат и на „Launch Control“, на трите модуси на „Fahrerlebnisschalter“ или „прекинувачот за доживување на возењето“, заедно со сите други играрии што следуваат во пакетот. Со менувачот M DGK се намалува и потрошувачката на гориво, од 8,5 кај верзијата со мануелен менувач, на 7,9 литри на сто километри. Поважните дисциплини сепак се забрзувањето до сто и крајната брзина. Тука M2 Coupe нуди 4,3 секунди до сто и крајна брзина ограничена електронски на 250 km/h, односно на 270 km/h доколку се доплати за M Driver’s Package.
Се што е потребно за спортско возење е веќе вклучено во цената
Додека надворешноста верно ги отсликува способностите на малечкото купе со бандажи од 19 инчи, два чифта дебели издувни цевки, цел сет спојлери и спортски сопирачки, во внатрешноста е посмирено. Погледот во познатиот кокпит на серијата 2 застанува на деталите од алкантара, на спортските седишта и на карбонот во средишната конзола. За динамиката се грижат предната и задната оска со лесна конструкција од алуминиум преземени од M3/M4, кованите бандажи од 19 инчи со гуми со димензија 245/35 напред и 265/35 назад, спортските сопирачки и електронски регулираниот активен диференцијал. Единствено што преостанува е да се избере бојата – сина металик, алпска бела, сафирно црна или минерално сива. А потоа се знае, право на тркачка патека.
















