BMW X3 почна да вози на струја

BMW iX3 BMW X3 почна да вози на струја
BMW iX3 BMW X3 почна да вози на струја

Електричните модели повеќе не се изненадување во понудата на автомобилските марки и пристигнуваат рутински. Тоа важи особено за BMW. Баварците го нудат X3 во бензинска, дизел, плагин-хибридна, а отсега и во електрична изведба со ознака iX3.

BMW X3 отсега е достапен и како електричен автомобил, како прв X-модел што нуди ваква погонска опција. Моделската изведба на струја ја носи ознаката iX3 и според Баварците нуди возење без штетни материи во комбинација со спортската нота што ја носи секој модел на BМW.

СУВ-моделот во семејството на серијата 3 е воедно прв автомобил од матичната марка на BMW што вози чисто на струја, наспроти i3 што е дел од специјализираната подмарка BMW i. Тоа уште еднаш потсетува колку долго електричниот погон е секојдневие за минхенската куќа.

Новиот модел на струја е значаен и по тоа што ја воведува стратегијата на „Моќта на изборот“, односно X3 е прв модел на Баварците што се нуди во бензинска, дизел, плагин-хибридна и електрична изведба. Тоа ќе важи и за сите следни моделски генерации на марката.

https://photos.app.goo.gl/ELATqGFaMzN4j8qaA

Прв пазар што ќе го добие BMW iX3 е Кина, уште во текот на годинава. Германците го произведуваат електричниот модел во фабриката во Шенјанг, којашто е заедничка инвестиција со Brilliance Automotive. Спортскиот СУВ на батерија оттаму ќе се извезува на пазарите ширум светот.

Во електричниот BMW iX3 дебитира петтата генерација на погонот eDrive што понатаму ќе се вградува и во новите i4 и iNext од 2021 година

Во iX3 дебитира петтата генерација на електричниот погон BMW eDrive. Кај неа е постигнат напредок во електромоторот, трафо-секцијата, полначите и батеријата. Компонентите од овој погон од следната година ќе се вградуваат и во BMW i4 и BMW iNext.

Главната карактеристика на „eDrive 5.0“ е тоа што електромоторот, преносниот механизам и трафо-секцијата првпат се вградени во заедничко куќиште. Покрај тоа, во електромоторот не се користат магнети, со што се избегнува и потребата од ретки метали. Неговата моќност е зголемена за близу една третина, додека ефикасноста е зголемена на 93%. За споредба, обичните мотори претвораат во работа само 40 проценти од калоричната вредност на горивото.

https://photos.app.goo.gl/uDYhJHra5Ptyo8FD6

Моќноста изнесува 286 КС, до задните тркала се испорачува вртежен момент од максимално 400 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 6,8 секунди. Со тоа, BMW iX3 постигнува исти перформанси како бензинскиот BMW X3 30i. Крајната брзина вообичаено е ограничена на 180 километри на час.

Досегот во реални услови изнесува 460 километри, за 10 минути на брз полнач се обезбедува енергија за 100 километри

Батеријата има за 20 проценти зголемена енергетска густина, што значи дека акумулира повеќе енергија на одреден волумен. Нејзиниот капацитет е 74 kWh, реалниот досег е 460 километри. BMW iX3 може да користи брзи полначи со еднонасочен напон и моќност до 150 kW. Во тој случај, полнењето до 80% трае 34 минути. За 10 минути полнење, се акумулира енергија за 100 километри.

https://photos.app.goo.gl/L8zw36E9ueXB74eu6

Поради ниската положба на батеријата во подот, тежиштето е за 7,5 сантиметри пониско во споредба со верзиите на X3 со обичен погон. Тоа обезбедува уште подинамични возни својства. Подвозјето стандардно користи приспособлива работа на амортизерите. Секако дека BMW нуди и можност за доплата за спортско M-подвозје.

Уште еден новитет кај iX3 е оперативниот систем ID7, кој се однесува на целото возило, не само на инфо-забавниот систем. Тој дозволува буквално секој ред програмски код во возилото да се обнови Over-The-Air.

Изгледот на BMW iX3 се разликува од останатите модели во семејството X3 по затворениот преден браник, заедно со бубрезите. Подот е целосно обложен, додека во опашот исто така се преземени зафати во подобрувањето на аеродинамичноста (cw 0,29). Се забележуваат и новите бандажи што се конструирани според истите принципи. Според BMW, тие го смалуваат коефициентот на отпор на воздухот за 5 проценти – тоа се десет километри подолг досег.

Функционалноста и просторноста на кабината се непроменети, iX3 беше планиран уште при развојот на актуелната генерација на BMW X3

Внатре има детали нагласени во сина боја, додека изборот на материјали и изработката целосно се совпаѓа со стандардите кај класичниот X3. Задната клупа е триделна, багажникот нуди простор меѓу 510 и 1.560 литри.

https://photos.app.goo.gl/Mt5djNUwDABUExb59

За посебно доживување во возењето се грижи BMW IconicSounds Electric, кој внесува вештачки произведени звуци што се менуваат зависно од ситуацијата во возењето. При вклучувањето на погонот се слуша куса композиција, што укажува дека ова е возило на струја. Оваа композиција е прв плод од соработката меѓу Ханс Цимер и главниот „музичар“ во BMW, Ренцо Витале. Во иднина и плагин-хибридите на BMW ќе добијат соодветна музика при стартот.

Редовната цена во Германија изнесува 69.800 евра, на што следи субвенција во висина од близу 10.000 евра, како и одбивање 3% од ДДВ, заради поттикнување на електромобилноста во земјата.

>>> BMW и Mini ја зголемија продажбата на модели на струја

 

Претходна објаваВака изгледаат камионите на љубител на Формула 1
Следна објаваKia расте во САД и во време на пандемијата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here