за ,

BMW i8: Најпрогресивниот спортски автомобил на денешницата

Суперспортскиот болид на BMW не е како другите од неговата сорта. Тој спојува 362 КС и 4,5 секунди до стотка со потрошувачка од 2,5 литри. BMW i8 има хибриден погон, но и многу друго.

Првите фотографии од i8 што се објавени денес откриваат дека сериската верзија на суперболидот на BMW не се разликува воопшто од концептниот автомобил кој неколкупати парадираше на салонските штандови на баварската марка. Дури и крилестите врати остануваат. BMW тврди за неговиот i8 дека тој е најпрогресивниот спортски автомобил на денешницата – и целосно е во право. Техниката е исто толку футиристичка колку што е изгледот.

bmw i8 enterier

Истото важи и за ентериерот, чии што први фотографии се појавија денес. Кокпитот е прегледен и подреден на стандардите на ергономијата, со дигитален приказ на инструментите, согласно со високото технолошко ниво на моделот. Со примена на лесни материјали, вклучувајќи карбонска каросерија, тежината на спортистот изнесува само 1.490 килограми и тоа е врвен резултат ако се има во предвид дека i8 носи и батерии за погон на електромоторот.

Во i8 работи новиот трицилиндарец од 1,5 литар со турбонатполнење и моќност од 231 КС, кој се користи за погон на задната оска, додека за погон на предните тркала се грижи електромотор со 131 КС. Системската моќност на обете погонски единици изнесува 362 КС, додека максималниот вртежен момент е импресивни 570 њутнметри. Благодарение на оваа моќност, i8 забрзува до 100 за 4,5 секунди, а толку време му е потребно и за меѓузабрзвање од 80 до 120 km/h. Моделите на BMW со класичен погон, како M3 на пример, не се ништо подобри. Крајната брзина е ограничена на 250 километри на час.

Концепцијата на хибридниот погон, со електромотор напред, бензинец назад и батерии во средина, овозможува и оптимална распределба на тежината, а тоа пак се рефлектира во возните својства. Не постои друг сериски модел на BMW кој има пониско тежиште од i8. Следна предност на погонот е во тоа што не се чувствува прекин при префрлувањето на степените – електромоторот во комбинација со двостепен менувач ги покрива паузите при менувањето на степените. Ако возачот е расположен за штедење и еколошки коректно возење, може да се активира и чист погон на струја и да се вози до 120 km/h. Електричното возење трае 35 километри, а потоа мора да се полнат батериите – во возење или со приклучување на струја.

На обичен приклучок за струја, литиум јонските батерии се полнат за помалку од три часови, односно помалку од два часа на BMW i Wall Box и на јавните станици за полнење. Потрошувачката на гориво е сензационална за спортски автомобил и изнесува само 2,5 литри при комбинирана работа на обете погонски единици. Со цената, i8 останува типичен суперспортски автомобил – 125.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel ќе прикаже дури седум премиери во Франкфурт

Рекорд во Норвешка: Најдолга колона на електрични возила