BMW испорача пет примероци од хибридната верзија на серијата 7 за аеродромот во Минхен. Знаменосецот на BMW ќе ги превезува патниците на VipWings директно до авион, комфорно, луксузно и без штетна емисија. Големата лимузина може да мине педесетина километри со погон само на струја.
Патниците со статус на важна личност добиваат уште една привилегија во салонот на VipWing на аеродромот во Минхен. Покрај тоа што секој корисник на овие услуги добива личен асистент којшто се грижи за чекирањето, безбедносните проверки и царинските процедури, како и пристап до приватни апартмани, конференциски сали и сите можни простории во објектот од 1.700 метри квадратни, отсега добива на располагање и BMW 740Le iPerformance за превоз од салонот директно до авион.
Овој чекор претставува дел од стратегијата на минхенскиот аеродром, емисијата на СО2 до 2020 година да се намали на нивото од 2005 година и покрај натамошното зголемување на бројот на патници и проширувањето на аеродромот.
iPerformance како врв на стратегијата Efficient Dynamics
Баварската марка го нуди хибридниот погон во три моделски изведби на серијата 7: Во BMW 740e, во верзијата со продолжено меѓусокино растојание 740Le и во верзијата со погон на сите тркала BMW 740Le xDrive. Во конструкцијата на врвниот модел со хибриден погон се користат технологиите и искуствата што BMW ги има стекнато преку подмарката BMW i, специјализирана за електричен погон. Сите овие модели ја носат додавката iPerformance и претставуваат врв на долгогодишната стратегија на минхенската марка за постигнување максимална ефикасност на погонската спрега при задржување на спортската динамика.
















